Полициските службеници денеска одржаа мирен марш тргнувајќи од ОЈО Битола па се до плоштадот Магнолија на тој начин изразувајќи го своето незадоволство од тоа што нема притвор за лицата кои се закануваа по нивните животи. Потенцираат дека законот мора да биде ист за сите и дека тие ка полициски службеници не прифаќаат само извинување туку дека тоа кривично дело според нив морало да помине и со мерка притвор.
„За заканите кои што ни беа упатени за напади и убиства на полициски службеници доколку продолжиме да го спроведуваме законот и мислиме дека апсолутно сериозно треба да ги сфати државата, затоа што секоја закана и секој напад врз полициски службеник мора единствено да се гледа како напад врз државата. Сметаме дека ако оваа девијантна појава сега поминеме така врз неа, таа утре би се повторила и на други работници, судии, обвинители, новинари и дека мора да има многу посериозни и поригорозни казни, дека извинувањето како извинување не е казна и нема да може да биде правда, дека треба да има притвор за лицата и кривична постапка како тоа што беше случај пред 2 години кога граѓанин и се закануваше на обвинителка во Прилеп на истиот начин и веднаш беше определен мерка притвор и веднаш беше започната кривична постапка. Дополнително како дел од барањата, бараме државата да поработи на дополнителна превенција и заострување на казните предвидени во Законот за прекршоци против јавен ред и мир за омаловажување на државни органи, кои сега се многу ниски и сметаме дека треба да бидат вратени претходните казни од 1.000 евра за навреда и омаловажување на државен службеник и државен орган, од причина што моменталните 50 евра сметаме дека не се доволни ниту за бакшиж за во кафеана, а не за омаловажување на државен службеник“, истакна Мартин Ефремов, претседател на независен синдикат на полицијата.
„Овој протест не е само за полицајци, туку за сите службени лица и сите граѓани на Македонија, поради тоа што ваквите навреди и ваквите закани не смеат да се толерираат никако. Казните мора да се зголемат, да бидат построги и парично и затворски казни, ако сакаме да имаме правна држава. Не смее за никој да има различни аршини, за едни едно, за други друго, сите граѓани мора да се еднакви пред законот и правдата“, додаде помошникот генерален секретар на НСП.