Ексклузивно најавувам дека имаме голем план на целосно автопатско поврзување на Прилеп, значи не само изградба на автопатот од Прилеп до Битола, туку исто така продолжување на истиот до Фариш. Истакна вечерва во Прилеп, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој беше присутен на промоцијата на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп, Дејан Проданоски.

„Односно онаму каде што сега во моментот завршува експресниот пат Градско – Дреново – Фариш, ќе продолжи автопат кон Прилеп кој ќе продолжи и до Битола, што е целосна револуција и во однос на економијата и во однос на комуникациите на целиот регион. Изградбата на автопатот пак Прилеп – Битола оди одлично, морам да кажам дека сум многу задоволен од изведбата, за разлика на некои други инфраструктурни проекти каде имам забелешки, овде сум многу задоволен. Очекуваме веќе на крајот на следната година да имаме први функционални 11 километри, а целото решение од 40 километри да биде готово на крајот на 2027 или почеток на 2028 година во зависност од временските услови, така што еве најдоцна на почетокот на 2028 година ќе имаме автопат од Прилеп до Битола, кој секако се надоврзува на експресниот пат од Градско преку Дреново до Фариш, а како што споменав од Фариш до Прилеп ќе работиме на проект исто така за автопатско поврзување, така што би имале кога ќе тргнете од Скопје или Гевгелија целосно автопатско решение или експресен пат до Прилеп и секако од Прилеп до Битола“, изјави Николоски