Двојно убиство и самоубиство синоќа го потресе Прилеп. На улицата „Стеван Апостолоски“ се случила вистинска семејна крвава драма. Сега починатиот 43 годишен П.Ч. заедно со неговиот малолетен 13 годишен син биле на гости кај неговиот 63 годишен вујко П.Ѓ. Од засега непознати причини П.Ѓ. ги убил, а потоа и сам си пресудил.
Според СВР Битола сопругата на сега починатиот П.Ч. околу 21.20 минути пријавила дека од домот се оддалечиле нејзиниот сопруг и син и дека не може да ги контактира повеќе часови. Искажала сомнеж дека можно било тие да се наоѓаат во куќата на нивниот роднина. Кога полицијата заминала да провери што се случува таму започнала вооружена пресметка.
„Од страна на полициски службеници била извршена проверка во домот на П.Ѓ. но никој не ја отворил вратата. По наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила ја отвориле вратата и кога влегле во куќата едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, било пукано кон нив, при што од полициските службеници било возвратено со пукање од службено оружје кон куќата“, изјави Сања Стаматовска, портпарол на СВР Битола.
Поради лошата безбедносна ситуација и поради тоа што и покрај обидите да го разубедат да влезат внатре П.Ѓ. продолжил со заканите на помош биле повикани припадници на специјалната единица „Тигар“ кои со хеликоптер пристигнаа во Прилеп и околу 1 часот по почноќ влегле во куќата, каде пронашле 3 безживотни тела.
„Најверојатно осомничениот се самоубил во момент кога припадниците на „Тигрите“ се обидувале да влезат во куќата. Во колку часот и како се убиени П.Ч. и неговиот малолетен син ќе се утврдува со истрагата, затоа што соседите велат дека слушнале истрели пред полицијата да се обиде да влезе во домот. Мотивот за убиството најверојатно се нерасчистени семејно-имотни односи“, истакна јавниот обвинител Стевчо Биноски.
По завршувањето на драмата итната медицинска помош констатирала смрт кај трите лица како последица од повреди од огнено оружје. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.