Американската компанија за производство на автомобилски делови „Гентерм“ лоцирана во ТИРЗ Прилеп ќе отпушта работници поради осовременување на своето производство, ова денеска го потврди заменик министерот за економија Марјан Ристески. Засега нема официјална потврда за колку ќе се намали бројот на вработени во оваа компанија, неофицијално се зборува дека ќе се отпуштат околу 400 лица поради одлив на производството во Мароко и дел повторно враќање во Украина. Според Ристески, се очекува ударот да го амортизира новиот погон на германската компанија WIK која за 1 месец ќе го отвори исто во ТИРЗ Прилеп каде веќе има свое производство.
„Наша цел и интенција е како Влада и понатаму да привлекуваме домашни и странски инвеститори, да ги зголемуваме инвестициите, знаеме дека за помалку од 1 месец ќе биде отворен и новиот погом на WIK така што голем дел од овие кои ќе останат без работа поради новата линија и новите тејнолошки процеси во Гентерм, се надевам дека ќе најдат работно место во новоотворениот погон на WIK“, рече Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Неофицијално отпуштање на вработени ќе има и во конзорциумот Бехтел и Енка кој што го гради автопатот Прилеп – Битола. Иако побаравме одговор за овие информации од компанијата до овој момент не добивме никаков став. Според Ристески Владата не му должи ништо на конзорциумот за да има отпуштања.
„Владата цело време ја прати динамиката на работа на овој и тоа како значаен пат поврзувањето на Прилеп и Битола, нема застој во плаќањето, не гледам причина зошто би биле отпуштени работници, како што се одвива динамиката на работењето така ние ќе ги пратиме со финансиски средства, досега ниту едне денар нема Владата борч спрема Бехтел и Енка“, додаде Ристески.
Што ќе се случува во иднина со работниците кои ќе останат без работа во прилепско останува да покаже времето.