ВИДЕО- Отчет 100 дена: Општина Прилеп за прв пат доби тапија, изградба на спортски игралишта, кружни текови, реконструкција на улици

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Денеска застанувам пред вас по првите сто дена од преземањето на функцијата градоначалник на нашата Општина Прилеп. Сто дена можеби изгледаат како краток временски период, но кога тие денови се исполнети со интензивна работа, носење одлуки, соочување со предизвици и поставување темели за идниот развој, тогаш тие имаат голема тежина и значење, истакна во своето обраќање за Отчетот за изминативе 100 дена градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски.

ОТЧЕТОТ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ИНТЕГРАЛНО

Функцијата градоначалник не е само административна позиција. Таа е обврска, одговорност и чест. Обврска да се работи чесно и домаќински. Одговорност да се носат храбри и понекогаш тешки одлуки, но и голема чест да се служи на градот што сите го сакаме – нашиот Прилеп.

Кога го започнав овој мандат, знаев дека пред нас стојат сериозни предизвици, финансиски, организациски и инфраструктурни. Но исто така знаев дека Прилеп има потенцијал, има вредни луѓе, има традиција и има сила да оди напред.

Затоа првите чекори ги насочивме кон стабилизација на локалната власт, воспоставување ред и функционалност во локалната самоуправа, подобрување на комуналните услуги и јавната хигиена и отворање на општината за граѓаните.

Нашата цел беше јасна, да создадеме ефикасна, достапна и транспарентна администрација која ќе работи во служба на граѓаните, а не обратно. Да започнеме конкретни инфраструктурни проекти кои ќе го менуваат изгледот и функционалноста на градот. Да вложиме во образованието, културата и спортот.

Да испратиме порака дека институциите мора да функционираат, а јавниот интерес мора да биде над сè.

Овие сто дена беа период на поставување темели. Денес не зборуваме за декларативни заложби, туку за конкретни бројки, проекти, инвестиции и резултати. Затоа, во духот на транспарентноста и отчетноста што ја ветивме, денеска јавно ги презентирам пред вас чекорите што ги направивме, како доказ дека Прилеп веќе се движи во насока на развој, модернизација и подобар квалитет на живот.

 

ПОГОЛЕМ БУЏЕТ ЗА 2026

 

Морам да истакнам дека оваа година проектиравме нов, поголем и развоен Буџет.

Ги зголемивме средствата за поддршка на културата, спортот и физичката култура, за кои оваа година издвојуваме 24.985.000 денари, од кои:

  • 000.000 денари за спортски клубови,
  • 000 денари за стипендии за млади талентирани спортисти,
  • 000.000 денари за културни манифестации,
  • 500.000 денари за набавка на куќарки и тезги за културни настани и базари,
  • 000.000 денари за реконструкција на спортски игралишта.

Во Буџетот за 2026 година значително го зголемивме и финансирањето на:

  • основното и средното образование – 1.037.410.043 денари,
  • социјалната заштита на деца и стари лица – 216.268.597 денари,
  • градската библиотека – 14.097.711 денари,
  • противпожарната заштита – 65.137.000 денари.

Или, вкупниот Буџет на Општина Прилеп за 2026 година изнесува 2.472.428.114 денари, што во споредба со Буџетот за 2025 година претставува зголемување од 411.061.175 денари, насочени кон подобар квалитет на живот и конкретни проекти за граѓаните!

Го предвидовме и тоа дека, со реализацијата на капиталните расходи, во локалниот бизнис-сектор ќе се вратат приближно 12 милиони евра, што ќе даде силен импулс за развој на локалната економија.

 

 Е-даноци – нов чекор кон модерни јавни услуги во Прилеп

Во првите 100 дена успеавме да ја завршиме и ставиме во функција надградбата на електронскиот систем за плаќање на даноци и комунални такси, со што граѓаните добија можност своите даночни обврски да ги подмируваат онлајн, без физичко присуство во општинските служби.
Ова е дел од напорите на Општина Прилеп да ги модернизира јавните услуги и да ја олесни комуникацијата со граѓаните. Со оваа иницијатива, општината им овозможува на даночните обврзници брзо и безбедно да ги подмируваат своите обврски, без потреба од физичко присуство во службите.
Ова ја покажува посветеноста на локалната власт кон транспарентно работење, ефикасност и обезбедување квалитетни услуги за сите граѓани на Прилеп.

 

Реструктуирање и кадровски промени

Во овие 100 дена за Прилеп, во насока на унапредување на работењето и ефикасно управување со институциите, донесовме одлука за кадровски промени и реструктуирање во дел од јавните претпријатија. Кадровските промени се направени со цел продолжување на професионалниот пристап во јакнење на стручноста, стабилно и транспарентно работење и градење поголема доверба кај граѓаните. Со ова јасно покажуваме дека институциите мора да функционираат.
Убеден сум дека новите менаџерски тимови ќе придонесат кон позитивни промени во интерес на институциите и на граѓаните, а пораката е јасна – редот и јавниот интерес мора да се почитуваат и да бидат наш приоритет.

 

     II – ТРАНСПАРЕНТНОСТ

 

 1. Расправа за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план на град Прилеп

Во рамките на отворена општина, почитувајќи го гласот на секој граѓанин, заедно со граѓаните преку отворен дијалог расправавме за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план на град Прилеп.

Во јануари организиравме јавна презентација со јавна расправа по измена и дополнување на Генералниот урбанистички план на град Прилеп (плански период 2023–2033 г.), Општина Прилеп, кој носи директни придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата: подобрување на инфраструктурата, носење правила за градба, нови можности за инвестиции и поквалитетен урбан живот. Во оваа расправа секој имаше можност да даде предлог, да постави прашање и да учествува во креирањето на одлуките. Знам дека само преку активно вклучување на граѓаните, бизнис-заедницата и граѓанските здруженија можеме да изградиме поодговорна и поправедна локална самоуправа.

Придобивки за граѓаните:
• Подобра инфраструктура – планирање на нови улици, паркинзи, велосипедски патеки и подобар јавен превоз.
• Зелени површини и рекреација – проширување на паркови, детски игралишта и спортски терени.
• Поголема безбедност – јасни стандарди за градба и урбанистичко уредување, што ги намалуваат ризиците од хаотична градба.
• Квалитет на живот – подобро управување со просторот, намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето.

Придобивки за бизнис-заедницата:
• Предвидливост и сигурност – јасни правила за градба и користење на земјиштето, што им овозможува на инвеститорите да планираат долгорочно.
• Формирање нови зони за развој, односно дефинирање индустриски, комерцијални и деловни зони за нови фабрики, трговски центри и канцелариски простори.
• Подобра инфраструктура – модернизација на патната мрежа и пристап до индустриските зони.
• Поттик за инвестиции – затоа што со уреден план, градот станува поатрактивен за домашни и странски инвеститори.

 

Расправавме заедно и за донесување на Буџетот за 2026 година

Заедно со граѓаните, отворено дискутиравме, анализиравме и предложивме идеи и проекти за новиот Буџет на нашата општина, транспарентно и со вклучување на секој глас.

Пред донесувањето на Буџетот за 2026 година остваривме средби со претставници од бизнис-секторот, невладините организации, здруженијата, како и претставници од Занаетчиската комора и угостителскиот сектор. Заедно ги споделивме предизвиците, идеите и приоритетите што треба да бидат дел од развојните политики на општината.
Ова е нашиот заеднички пат кон подобра, поправедна и поодговорна општина, бидејќи Прилеп подеднакво припаѓа на сите!

 

 Организиравме и приемни денови и поставивме отворен телефон за поголема транспарентност и контакт со граѓаните.

Ве охрабрувам и денес сите кои имате потреба или идеја за подобрување на нашата локална заедница да закажете средба на телефонскиот број (ќе го има на проектор) 076 22 99 15 и да разговараме отворено и искрено за состојбите кои се клучни и важни за подобрување на условите за живот и работа во вашето место на живеење и за нашата општина.

Само заедно, со транспарентност, доверба и јасна заедничка цел, можеме да го направиме Прилеп пример за современа, просперитетна и грижлива општина и да изградиме пофункционален, поубав и поодржлив град.

 

III – ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ

Она што прво го започнавме за поуреден Прилеп, во рамките на овие 100 дена за Прилеп, се неколку инфраструктурни активности.

  1. Извршивме реконструкција на тротоарот „Кеј 1-ви Мај“

– Направивме комплетна реконструкција на тротоарот по должината на улицата „Кеј 1-ви Мај“, до железничкиот мост на кејската улица. Проектот опфати целосна реконструкција и уредување на тротоарот со бекатон-плочки, поставување ново улично осветлување, кое недостасуваше на овој потег, и поставивме урбана опрема.

Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 7 милиони денари, обезбедени преку Министерството за транспорт, во рамки на Проектот за поврзување на локални патишта.

Со ова добивме простор кој денеска претставува безбедна и функционална пешачка и сообраќајна зона.

 

2. Еден од најголемите проекти што веќе се видливи е кружниот тек „Табана“

– Во тек се интензивни градежни активности околу изградбата на новиот кружен тек кај мостот „Табана“, на вкрстувањето на улиците „Кеј 1 Мај“, „Кеј 9 Септември“ и „11 Октомври“. Проектното решение предвидува кружен тек со две коловозни ленти, како и изградба на пешачка и велосипедска патека, со што добиваме современо и безбедно сообраќајно решение.

Вкупната вредност на овој капитален проект е 138 милиони денари, 126 милиони финансирани преку првиот јавен повик на Владата и 12 милиони наше сопствено кофинансирање и ова претставува еден од најголемите капитални проекти што ги доби Општина Прилеп.

Со неговата реализација значително ќе се растовари сообраќајот на досегашната семафоризирана крстосница, ќе се намали гужвата и ќе се зголеми проточноста на сообраќајот на една од главните градски артерии што води кон центарот на градот. Покрај функционалното, проектот носи и видливо урбано и визуелно унапредување на овој дел од Прилеп.

Крајниот рок за завршување на овој проект е првата половина на 2026 година. Паралелно со ова, веќе е објавена и јавна набавка за изработка на проектна документација за обиколницата Исток, проект што го ветивме пред вас нашите сограѓани.

 

 3. Следен значаен инфраструктурен проект е улицата „Победа“

 

Интензивно се работи и на изградбата на улицата „Победа“. А во моментов во тек е и втората фаза од изградбата на оваа улица, нов проект, односно постапка за избор на изведувач за изградба на нов мост на градската река, кој ќе ги поврзе двете фази од оваа улица.

Вкупната вредност изнесува 40 милиони денари за првиот дел на изградбата на улицата и дополнителни 72 милиони денар за изградба на мост на улицата Победа, средства обезбедени преку поддршката на Владата.

Со реализацијата на овие проекти, североисточниот дел од градот ќе биде поврзан со три нови сообраќајници, што ќе значи сериозно намалување на гужвите кон центарот и населбите во овој дел од Прилеп.

 

  1. Со особена гордост, во делот на спортската инфраструктура, можам да истакнам дека направивме комплетна реконструкција на спортските игралишта во населбата Точила.
    За само еден месец, во рекордно краток временски рок, го реконструиравме спортското катче во населбата Точила во модерни, функционални игралишта за фудбал, кошарка и одбојка.
    Проектот е реализиран со помош на Министерството за спорт и претставува одличен пример за успешна соработка и заеднички напори за подобрување на инфраструктурата во нашата општина. Целта е создавање достапни, безбедни и квалитетни услови за спорт за сите граѓани, како и поддршка на локалниот спортски развој.
    Започнавме кон крајот на октомври, а завршивме на 20 ноември 2025 година, пуштајќи ги во употреба со присуство на министерот за спорт, Борко Ристовски.

 

IV – ЖИВОТНА СРЕДИНА И ЕКО АКТИВНОСТИ – ЗА ЧИСТ, УРЕДЕН И ЗЕЛЕН ГРАД!

Она на што посебно сум горд е подигнувањето на свеста за поуреден и почист град.

  1. Кога зборуваме за уредност, започнуваме од централното градско јадро.

 По неколку години, веднаш на стартот на мојот мандат, повторно му дадовме душа и сјај на Градскиот саат. Го осветливме и го вративме неговото ритмичко одбројување на времето. Градскиот саат е срцето и духот на градот и тоа треба да се почитува, негува и чува.

 

2. Еко-акција

За зелен и чист град, за здрава животна средина, како што беше предвидено и во мојата предизборна програма, ја организиравме и успешно ја реализиравме досега најголемата еко-акција за чистење на околината на Прилеп и за уредување на градот.

Убавото време во ноември ни овозможи успешна еко-акција, насловена „Екомисија – твој потпис за природата“. На повикот за еко-акција за почист Прилеп се јавија и учествуваа над 1.000 наши сограѓани, заедно со претставници од многу институции, јавни претпријатија и општествено одговорни компании,

во која се вклучија и младите од средните и основните училишта. Исчистивме повеќе од 20 локации во околината на градот, собравме смет околу институциите, а младите помогнаа во фарбањето на дрворедите во градот. Со рачно чистење и со механизација успеавме значително да ги намалиме дивите депонии и да ја разубавиме нашата општина и собравме над 900 м3 смет.

Ова беше едукативна акција за тоа како треба да се грижиме за животната средина за да не мора некој по нас да чисти и да го собира ѓубрето, но истовремено и  еко-акција која послужи и покажа дека, кога сме обединети, можеме да создадеме подобра и поубава животна средина за сите нас.

 

  1. Со механизација го исчистивме и големото речно корито на Градската река

Ја реализиравме и акцијата за чистење на големото речно корито на Градската река, со помошна механизација од Подрачната единица на Водостопанство на Македонија – Прилепско Поле и од нашите Јавни претпријатија.

Една недела се работеше на потегот покрај улицата „Кеј 1-ви Мај“, во населбите Чачорица и Бончејца, сè до железничкиот мост на кејската улица, по што следеше и втората фаза, кон мостот на улицата „Трајко Николоски“, каде се извадени повеќе од 300 кубни метри насип.

Повторно, за поквалитетна животна средина за нашите сограѓани и во интерес на граѓаните кои живеат на тој потег од градот.

 

4. Се вложивме за модерно и ефикасно управување со отпадот во Прилеп и добивање средства за таа намена од разни европски фондови и грантови.

 Ние, како Општина Прилеп, сме прворангирана општина во Македонија – добитник на големиот грант од 50.000 американски долари во рамки на Третиот повик на Фондот за техничка документација (ФТД), по спроведената евалуација на сите пристигнати апликации.

Средствата се доделуваат за изработка на техничка документација за проектот за постројка за складирање, третман и преработка на биоразградлив и инертен отпад, која ќе овозможи од 48–55% од органскиот отпад да се претвори во висококвалитетен компост за земјоделство и озеленување, и инсталација за преработка на градежен шут, кој ќе се трансформира во гранулат што може повторно да се употреби за тампонирање на локални улици и патишта.
Така Прилеп би се вклучил кон најзначајните чекори за здрава животна средина и кон модерно и ефикасно управување со отпадот.

Исто така во овој период го потпишав и договорот за воспоставување на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за југозападниот и пелагонискиот регион и со тоа нашата општина активно се вклучува во современиот регионален систем за управување со отпад, за почиста и поздрава животна средина и за решавање на проблемот со незаконските, односно дивите депонии. Со формирањето на овој одбор веќе започнува воспоставување на одржлив систем за управување со отпад, усогласен со европските стандарди.

Преку Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Прилеп започна испораката на 8.318 канти од 120 литри, во жолта и зелена боја, за селекција на отпад и мешан комунален отпад. Досега се испорачани 6175 канти, кои се складираат во ЈКП „Комуналец“. Оваа комунална опрема ѝ се доделува на општината од Регионалната програма за цврст отпад, финансирана преку Европската банка за реконструкција и развој и Швајцарската агенција за развој.

Проектот за регионално управување со отпад значи помош на општините за да се имплементира 100% селекција на отпадот на местото на неговото создавање (домаќинствата), со цел граѓаните во целост да ја прифатат селекцијата на отпадот, да стекнат корисни навики, а во идната регионална депонија да се транспортира и депонира што е можно помалку отпад.

Испораката,  на 126-те контејнери од 1,1 м³ за Општина Прилеп е завршена и по планот за распределба, пролетва ќе се врши замена на постојните стари и оштетени контејнери.

Од суштинско значење за Општина Прилеп и за „Комуналец“ е добивањето на 9-те нови специјални возила за транспорт на отпад, кои, според динамиката на испорака за Пелагонискиот и Југозападниот регион, локалната самоуправа – Прилеп би требало да ги добие до месец јуни оваа година.

 

V – СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

 

  1. Продолжуваме со еднократната помош во износ од 6.000 денари за секое новородено дете во општината.

Го зголемивме рокот за доставување на барањето, од 45 на 90 дена, за да можат родителите навремено да го поднесат барањето и да ја добијат финансиската поддршка. Минатата година вкупно 374 семејства ја добија оваа финансиска помош, а оваа година Општина Прилеп издвои 2.385.000 денари од својот буџет за оваа цел.

 

  1. За првпат воведуваме субвенции за запишан првоодделенец за учебната 2026/2027 година. Тоа е еднократна парична помош од 3.000 денари за секое запишано прваче, како поддршка на семејствата на стартот од учебната година.

 

VI – БИЛАТЕРАЛНА СОРАБОТКА

Во рамките на овие 100 дена, остваривме и значајни средби со претставници од меѓународната заедница.  За само три месеци од мојот мандат, остварив средби со неколку амбасадори, со кои разговаравме за можностите за продлабочување и унапредување на меѓусебната соработка, особено во областите на економијата, туризмот, културата и образованието, за позиционирање на општината како активен партнер на глобално ниво, за развој, модернизација и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Остварив протоколарни средби со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, амбасадорот на Франција, амбасадорката на Народна Република Кина во Република Македонија, британскиот амбасадор, генералната конзулка на Република Грција, турскиот амбасадор во Република Македонија, како и со претседателот на МАТТО – Македонско-турската стопанска комора и почесен конзул на Република Турција.

 

VII – ЗБОГАТУВАЊЕ НА КУЛТУРНО-ЗАБАВНИОТ ЖИВОТ

Тоа што остави голем и позитивен впечаток во овие 100 дена е подобрувањето на културно-забавниот живот во Прилеп. Празниците ни овозможија простор за заедничко дружење, празнична атмосфера, нови музички идеи, вклученост на младите, забава и дарување. Реализиравме голем број културно-забавни содржини за сите возрасти.

 

  1. Мора да признаеме дека прилепската празнична приказна беше нешто што Прилеп го немал во изминатите две децении.

Прилеп годинава имаше прекрасна новогодишна културно-забавна програма, кој не само што донесе прекрасно реализирана новогодишна манифестација, туку и настан што оваа зима го претвори нашиот град во вистинска празнична сцена, исполнета со светлина, музика, детска радост и заедништво.

Настанот ја раздвижи и прилепската локална економија и создаде можност за оживување на прилепската чаршија – беше место за уживање, забава и заедничко дружење. Според нашата проценка, овие празнични културно-забавни настани ги посетија над 4.000 луѓе.

За оваа богата новогодишна програма Општина Прилеп од својот буџет издвои над 4.000.000 денари.

За украсувањето на градот, за новогодишната музичка како и за техничката поддршка за реализирање на настанот –бина, озвучување и осветлување. Новогодишниот базар беше поддржан од компанијата „Витаминка“, која што на прекрасен и убав начин, за време на празниците, ја започна прославата по повод одбележувањето на 70 години од своето постоење.

 

  1. Во овој празничен период го организиравме и германскиот божиќен базар, заедно со Здружението на наставници по германски јазик.

 

Настан што беше исполнет со топлина, насмевки и детска креативност, на кој лично присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, г-ѓа Петра Дрекслер, чија поддршка претставуваше дополнителна потврда за значењето на настанот.

Во најубавиот период од годината – Нова година и Божик – Прилеп беше град на светлина, музика, забава, дарувања, креативност и убави изненадувања за сите, преку презентација на германската празнична традиција, што потврдува дека како град ги запознаваме и ги почитуваме различните традиции.

 

  1. Одбележување на патрониот празник на градот – Св. Никола

Го вративме традиционалното виткање на светиниколските сарми и ги вклучивме општествено одговорните компании целосно да го поддржат настанот. Направивме прекрасна организација за одбележувањето на патрониот празник Св. Никола, кој нè обедини и ја покажа нашата голема духовност и посветеност кон градењето заедништво и почит.

 

  1. Св. Никола турнир во мал фудбал – спортски настан кој ги зближи младите

Над 3.000 луѓе беа дел, директно или индиректно, од Св. Никола турнирот во мал фудбал, кој траеше 16 дена. Спортско-забавен и хуманитарен настан во кој уживаа љубителите на малиот фудбал и кој предизвика забава за сите што го сакаат фудбалот.

 

VIII – НАЈИНКЛУЗИВНА ОПШТИНА

 

Работевме и на подобрување и почитување на различностите. Прилеп доби сертификат и е прогласен за најинклузивна општина во Македонија. Горд сум на ова признание, зашто значи дека сме направиле чекори напред во подобрување на околностите во кои живеат лицата со попреченост, особено децата кои имаат посебни образовни потреби. Тука сме најактивни. Како општина направивме исчекор со ангажирање образовни асистенти и во средното образование, уште пред законските обврски. Во Прилеп ангажирани се и работат 52 образовни асистенти, од кои 44 се во основното образование, а 8 во средното образование.

 

IX – МУЗИЧКА СОБА

За потребите на младите локални музичари, отворивме музичка соба во НУЦК „Марко Цепенков“, во соработка со младинските организации. Простор адаптиран за младите музички таленти, бендови и вокалисти, каде што ќе можат да вежбаат, да создаваат и да го развиваат својот музички потенцијал во соодветни услови.
Ова катче е одговор на долгогодишна реална потреба и претставува конкретна поддршка за младите кои досега немаа свое место каде да вежбаат и музички да креираат.

X – ДУВАЧКИ ОРКЕСТАР

Прилеп продолжува да инвестира во културата. Со логистичка и финансиска поддршка на општината, по 10 години го возобновивме дувачкиот оркестар во Прилеп. Овој оркестар не е само музика, туку е дел од идентитетот на Општина Прилеп, која имала ваков оркестар уште во 1924 година. Градскиот дувачки оркестар ќе претставува дел од нашите празници, свечености и манифестации, а во него се ангажирани млади, академски образовани музичари од нашиот град, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.

 

XI- Се погриживме да имаме убав достоинствен и мирен Бадник и Божиќ. Во духот на традицијата, ги пречекавме и уживавме во Бадниковата поворка, во која учествуваа над 300 дечиња од Прилеп.

–  Го поддржавме и традиционалниот „Божиќен ручек“, кој што се одржа на 7 јануари – Божиќ и беше наменет за 500 деца од многу градови на Македонија.
– Во одлична организација, со помош на Православната црква, Прилеп го поддржа и го одбележа и празникот Водици – долгогодишна традиција која се одржа на повеќе локации, а учество зедоа над 400 лица.

 

XII  – КАРНЕВАЛ „ПРОЧКА“

 

Веќе од средината на јануари започнавме со подготовките на Карневалот „Прочка“ 2026 – значајна туристичка и културна манифестација за нашиот град. Затоа во посета на Прилеп го поканивме претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови (FECC), г-дин Ларс Алгел од Шведска, и потпретседателот Александар Цицимов, со кои разговаравме за подобро позиционирање на Прилеп како карневалска дестинација на мапата на Европа, за подигање на Карневалот „Прочка“ на повисоко меѓународно ниво, со поголема видливост, повеќе учесници и поатрактивна програма за прилепчани и за гостите од земјава и странство.

 

XIII – Подобрување на условите во образованието како наша обврска:

Образовна инфраструктура:

  1. Во ООУ „Добре Јованоски“ целосно е реконструиран дотраениот објект во задниот двор, кој сега претставува современ и функционален простор наменет за потребите на училиштето. Извршени се темелни градежни зафати, поставена е нова дограма, нова фасада, адаптирани се простории за хаусмајсторот, магацин за учебници, а направен е и нов кабинет по ликовно образование со смарт-табла.
    Инвестиција од 2.500.000 денари.

 

  1. Во помошното училиште „Лазо Филипоски Лавски“  од ООУ „Добре Јованоски“ исто така е извршена реконструкција и адаптација на просториите, а една од нив е пренаменета во мала фискултурна сала со татами-подлога, каде учениците, по повеќе од 30 години, добиваат соодветен простор за часови по физичко воспитание.
    Вредноста на оваа инвестиција е 744.000 денари, средства од општинскиот Буџет.

 

  1. Во дворот на ООУ „Рампо Левката“ е направено современо игралиште за баскет, со тартан-подлога и осветлување. Сега овој досега неискористен простор доби нов живот – место каде што децата и младите можат безбедно и активно да спортуваат. Игралиштето е отворено не само за учениците, туку и за сите љубители на спортот од градот.
    Вкупната вредност на овој проект е 1.300.000 денари од Буџетот на Општина Прилеп.

 

  1. На почетокот на второто полугодие доделени се над 6000 униформи за учениците од основните училишта, што претставува уште еден реализиран проект во основното образование.

 

 Почитувани, сето она што денес го споделивме, почнувајќи од донесувањето на буџетот, преку инфраструктурните проекти, инвестициите во образованието и спортот, грижата за животната средина, социјалната поддршка и културниот развој, претставува само почеток на еден подолг процес на трансформација на нашиот град.

Свесен сум дека граѓаните очекуваат резултати. Свесен сум дека довербата се гради со работа, а не со зборови. Токму затоа, во овие сто дена работевме тивко, но посветено. Работевме системски. Работевме со визија.

Сто дена не се доволни за да се решат сите проблеми што можеби се таложеле со години. Но сто дена се доволни да се покаже карактерот на една локална власт. Да се покаже дали има ред, дали има план, дали има храброст да се започнат крупни проекти и дали постои вистинска грижа за граѓаните.

Нашата визија е јасна:

  • Прилеп како модерен, зелен и економски развиен град.
    Прилеп со силна инфраструктура и уредени улици.
    Прилеп со чиста животна средина и функционален систем за управување со отпад.
    Прилеп кој вложува во младите, ги поддржува семејствата и се грижи за ранливите категории.
    Прилеп со богата културна и спортска понуда, кој ги почитува традицијата и идентитетот, но истовремено храбро чекори кон иднината.

Ние не ветуваме невозможни работи. Ветуваме чесна, домаќинска и одговорна работа. Ветуваме транспарентност. Ветуваме дека секој ден ќе биде посветен на подобрување на условите за живот во нашиот град.

Пред нас има  многу проекти,  многу предизвици и уште многу, многу работа. Но верувам дека со заедничка енергија, соработка и доверба можеме да изградиме Прилеп каков што го заслужуваат и сегашните и идните генерации.

Ова се првите 100 дена. Следуваат години на работа, инвестиции и резултати. Да продолжиме заедно, одговорно, посветено и со љубов кон Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми