
Големиот пожар над прилепското село Дабница продолжува со силен интензитет и вечерва. Од командирот на ТППЕ Прилеп, Виктор Стојчески за Инфо Компас истакна дека вечерва ќе се прават патроли по целата линија на пожарот кој се раширил на неколку крака.
„Еден крак од пожарот поминува над селото Дабница, кој преку ридот оди кон Горно село, потоа има еден кај Заград на сртот кај Наковална. Во моментов поради ноќта не постои можност за гаснење, постојано ќе имаме патроли, пожарот е проширен на огромна површина. Во моментов не постои опасност за селото Дабница и за манастирот Трескавец, но ситуацијата е опасна затоа што поради силниот ветер условите може да се сменат за миг. Наши патроли ќе има вечерава и кај манастирот Трескавец. Пожарот е настанат од дивата депонија кај споменикот посветен на загинатите борци во НОБ „Дабнички масакр“, рече Стојчески.
Инаку пред само неколку денови Инфо Компас објави дека ова е местото каде преку целата година постојано одредена група на несовесни граѓани од населбата Тризла фрлаат незаконски отпад и палат гуми и кабли. Снимивме и цел еден куп на стари гуми, подготвен за палење.
Со надчовечки напори пожарникарите од ТППЕ Прилеп денеска се бореа со огнот и спасија неколку викендици во овој предел да не бидат запалени, а засега безбедно е и селото Дабница.