Во манастирот Свети Ѓорѓија кај Прилеп кој се наоѓа над вештачкото езеро по 17-ти пат се одржува меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“. Околу 20 уметници од Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија творат на слободна тема, во преубавата природа која и најчесто е нивната најголема импресија. Гостите од кои, некои дојдени за прв пат, а некои веќе биле тука, велат дека атмосферата и условите во манастирот се одлични и дека колонијата ги исполнува сите нивни потреби. Велат дека ваквите колонии се од големо значење за развојот на уметниците, затоа што тука се споделуваат искуства и секој уметник се надоградува со нови знаења.

„Колонијата е пред се гостопримство, гостољубивост, размена на енергија, дружење, а секако и создавање. Без креативноста дружењето не би имало таков набој, тоа се манифестира од утро до мрак и понатаму. И во чутењето и во зборувањето и во секако креативноста, размената на искуства. Некои се познавате помеѓу себе, некои сте колеги, ние сме дојдени тука од најдалечната локација, 925 км. што е респектабилно“, рече Звездана Јемрих, учесник на колонијата од Загреб, Хрватска.
„Колонијата е едно место на создавање, а јас би рекол и првенствено место за дружење. Мислам дека дружењето е најважна работа, тука сме собрани луѓе од Хрватска, Македонија како домаќин има најмногу колеги, сите се многу љубезни, екипата е прекрасна. Има колешки од Србија и Црна Гора. Воглавно ни е прекрасно, се надеваме дека ќе уживаме уште неколку денови. Смештајот е перфектни, работните услови исто така, во кратки црти впечатокот е супер“, рече Јуре Кокеза, учесник на колонијата од Загреб, Хрватска.
„Што се однесува на прилепската колонија тука сум по втор пат и големо ми е задоволството и радоста што ја добив таа можност повторно да сум учесник на оваа колонија. Секако да не ми беше убаво минатито пат не би дошла ни сега. Многу ја сакам Македонија. Многу колонии сум поминала низ Македонија. Оваа колонија на ваков начин е доста специфична. Минатито пат бев во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Ова е вистински погодок што се однесува до нас уметниците. Преубав пејсаж кој не опкружува, преубави луѓе, добри луѓе, фини уметници, една убава и пријателска атмосфера“, додаде Снежана Манасиќ, учесник на колонијата од Панчево, Србија.
И уметниците од Македонија се восхитени од тоа што може да го доживеат и почувствуваат тука. И тие како и нивните колеги велат дека треба да има што е можно повеќе вакви колонии на кои уметниците пред се ќе се дружат, а низ таа дружба потоа во иднина се отвора пат за соработка не само помеѓу нив самите, туку и помеѓу разни културни установи од различни држави.
„На колонијава сум прв пат и моите впечатоци се доста големи и убави. Имаме навистина убава организација, снабдени сме со материјали, со бои, добра храба, добра дружба, има прекрасни луѓе и самата локација ни дава прекрасна инспирација за да можеме да твориме. Колонијава ја разбирам како конекција на луѓево и секој уметник треба да доживее вакво нешто, особено младите, за да може да ја презентираат својата уметност и да се прикаѓат пред другите“, изјави Бојана Тошеска, учесник на колонијата од Битола.
„Секогаш и како уметник сум се залагал за уметниците и мислам дека ликовните колонии се одлично место за создавање на контакти, за уметничка дружба, за споделување на идеи, а исто така и за соработка во иднина помеѓу самите уметници, па и меѓу самите Центри за култура и разните културни институции. Од голема важност се како ликовните колонии и сите уметнички соработки што ги создаваат уметниците, бидејќи во соработката е и силата на културата“, додаде Васко Ѓорѓиев, учесник на колонијата од Битола.
Домаќини годинава беше управниот одбор на манастирот Свети Ѓорѓија кај Прилеп, чии членови исто така зедоа учество во колонијата.
„Годинава уметниците со колонијата Дрен и Центарот за култура од Прилеп успеавме како одбор да ги удостоиме. Ние како одбор, јас и како уметник еве, чест ми е што присуствуваат овде и ширум ги отворивме вратите“, кажа Емил Димоски, учесник на колонијата од Прилеп.
Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“ ќе трае се до 5 септември.