По 51 пат на Рудина кај Долнени грмнаа тапаните, писнаа зурлите и кавалите, се разлеа низ полето македонската традиционална музика и песна. Над 300 учесници се дел од ова издание на Фестивалот „Пеце Атанасоски“, најголемиот чувар на нашиот мелос, традиција и идентитет.

„Секако целта на овој Фестивал е зачувување токму на традиционалните инструменти, традиционалното пеење, каде што учесниците го презентираат секој на свој начин, во зависнот од кој регион на Македонија доаѓа“, рече Горан Василески, претседател на Собранието на Фестивалот „Пеце Атанасовски“.
„Особено оваа година имаме навистина голем интерес од млади гајдаџии, млади инструменталисти кои што годинава ќе ни се претставата и на двете фестивалски вечери. Фестивалот меѓу другото освен тоа што ги мотивира и повозрасните да се осмелат да го отсвират тоа што го знаат, исто така има за цел да ги мотивира и младите што повеќе да учествуваата на овој Фестивал“, додаде Стојанче Костов, дел од организацијата на Фестивалот.
„Пораката е да продолжиме понатаму да имаме што е можно повеќе млади учесници, а на постарите да им даде Господ здравје да ја следиме и нивните корени да продолжат и понатаму и да се негува оваа наша традиција и музика“, изјави Родна Величкоска, уметнички директор на Фестивалот.
Најмногу радува фактот што се повеќе млади се дел од овој Фестивал.
„На дедо чичко му свиреше гајда и тој ме научи. Многу убаво се чувствувам додека свирам на гајда“, рече Кирил Јованов, учесник на фестивалот од Гевгелија.
„Сакам кога ќе пораснам да бидам тапанџија. Има еден учител што свири и ме научи да тропам. Тапанот за мене е најдобриот инструмент“, додаде Марко Јованоски, учесник на фестивалот од Делчево.
За постарите ова е најдобриот начин да се зачува нашиот мелос и да се продолжи од идните генерации.
„Фестивалот значи многу за нас за Македонија, јас ум бил 4-5 пати тука“ вели Драги Ангелески, учител на Марко Јованоски.
„Многу е битен, да свириме, да се дружиме, да се гледаме, сето ова е заслуга на Пеце“, истакна Здравко Андонов, учесник на фестивалот од село Ињево, Радовиш.
„Фестивалот многу значи, јас сум тука уште од првите години кога се основаше и беше многу убаво, по неколку дена бевме тука тогаш“, рече Сашо Трајчев, учесник на фестивалот од село Дедино, Радовиш.
Имаше и гости од Холандија кои и свиреа и го снимаа Фестивалот.
„Ова е гајда од село Ињево. Гајда стара 75 години. Многу добра гајда. Јас многу ја сакам македонската музика. И научив многу мелодии од Источна Македонија. Го сакам ритамот кој е различен од другите музики“, истакна Ернесто Фишер, учесник на Фестивалот од Холандија.
„Јас сакам македонската музика поради емоциoналната вредност. Гребнатинки на душата, така ние чувствуваме кога ја слушаме, и најважно е тоа што се обидуваме да зачуваме што е можно повеќе за следните генерации, кои сакаат да знаат од каде е изворот на музиката“, додаде Питер Ендендајк, учесник на Фестивалот од Холандија.
И двата Фестивалски денови годинава се одржуваат на Рудина во Долнени.