Се наоѓаме во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ во Прилеп, а повод за ова наше денешно интервју е освојувањето на првото место на овие млади дечки што се наоѓаат околу мене на регионалниот натпревар за младински бизнис идеи, кој се организираше во Општина Прилеп, а под менторство на Регионалната стопанска комора од овој град и здружението „Ген вајб“.
Пред сѐ честитки за вашата бизнис идеја која што ја имавте. Инаку бизнис идејата е еколошки освежувач за во автомобил. Но многу повеќе околу целата таа идеја, околу импресиите од добивањето на оваа награда ќе ни раскажат самите. Како што може да се забележи, нивната група се вика „Еко блум“, односно тимот кој е креатор и реализатор на целиот овој проект. Како се чувствувате по добивањето на првото место и што тоа претставува за вас како понатамошна мотивација?
Јас сум Изабела Слабакоска, другите ученици се Ивана Ѓуроска, Теона Слабакоска, Петар Чадамов и Душко Илиески. Ние сме многу среќни и горди на нашиот тим, а исто така и многу мотивирани за учество на многу други натпревари, бидејќи со ова ние гледаме дека нашата идеја многу се препознава кај другите луѓе и дека се заинтересирани за нашиот производ. Ние кога го освоивме првото место бевме премногу среќни и задоволни.
Ова е тој еколошки производ што го претставивме на почетокот, навистина еден интересен дизајн. Оваа хартија се рециклира, кога ќе се потроши мирисот во неа сопственикот може да го фрли, а внатре имаме семе од растение кое потоа може да расте во природата.
Да, точно така, ова е нашиот производ биоразградлив освежувач за воздух за во автомобилите, со вградено семе. После неговата употреба во автомобилот, кога неговата употреба ќе престане, неговиот мирис ќе исчезне по околу 4 недели, вие можете слободно да го фрлите некаде, неговата хартија ќе се разгради и семето прераснува во растение. Исто така вие него можете да го засадите и сами во саксија, каде хартија би се разградила и семето би прераснало во растение. А исто така секој наш производ има кју-ар код од задната страна, каде со негово скенирање тој ве носи до нашата веб страна и во зависност од семето кое се наоѓа внатре, тој ве носи до соодветно видео каде вие можете да видите конкретни совети преку видеата кои се направени лично од нас, како правилно да го засадите и како правилно да го одгледувате тоа растение.
Како што кажавме, освоено прво место. Како реагираше нашиот бизнис сектор тука во градот, дали оваа идеја понатаму би била прифатена за една покомерцијална употреба и нормално сериско производство на овие освежувачи?
За жал досега ниту еден правен субјект нѐ нема исконтактирано, но се надеваме дека после оваа емисија некој би ја видел нашата идеја и истите би нѐ исконтактирале за да го преземат производството и да започнат со негово сериско производство.
Колку време ја имате оваа идеја и како ја добивте?
Идејата ја работиме од месец ноември минатата година, ја добивме со тоа што гледаме сѐ што се случува, не само во нашата држава, туку и во светот, дека имаме енормно загадување на животната средина и сакавме да направиме некој производ кој би придонел. Ако патуваме, на бензиските станици гледаме премногу исфрлани типични освежувачи, кои внатре имаат некои синтетички влакна кои ја загадуваат животната средина и оттука ни дојде идеја, иницијатива да создадеме ваков производ.
Производот е навистина еколошки, не само што е биоразградлив, туку понатаму од него може да порасне и одредено растение.
Да, тоа е и целата идеја на нашиот производ, втор живот. Пакувањето, лепенките, хартија, тотално сѐ е биоразградливо и така нашиот производ наместо да заврши во корпа после неговата употреба, истиот добива втор живот.
За крај каде понатаму го гледате развојот на оваа идеја?
Развојот на оваа идеја, пред сѐ да кажам дека досега имаме продадено само неколку производи на луѓе кои се заинтересирале и навистина сакаат да поддржат вакви идеи. За понатаму се надеваме да соработуваме со некои пранви субјекти, дали од градот, од државата, некогаш имаме соништа да соработуваме и на европско ниво.
Ова е одлична можност до нашите компании во Македонија да ја преземат оваа идеја, навистина еколошка, за заштита на животната средина, идеја која може да помогне како држава први да ги пуштиме во употреба овие биоразградливи освежувачи за во автомобил, а со тоа и да се поддржат овие млади иноватори и тие својата иднина да можат да ја гледаат многу почесто во Македонија, отколку во странство како што за жал моментално стојат состојбите во нашата држава.