Според најавите на тутунарите и оваа година откупот на тутунот ќе започне пред законскиот рок за откуп, односно на 16 ноевмри и истиот ќе се откупува во една класа, практика што се воведе во последните неколку години. Од Сојузот на тутунарски здруженија очекуваат цената да биде повисо од лани кога таа изнесуваше 420 денари за килограм.
„Ние очекуваме 450 да биде првата класа, односно просечната цена. Очекуваме сето да се купува во прва класа поради тоа што досега сеуште нема анекс договори за промена на цените на класите, така да сѐ ни кажува дека и овој откуп ќе биде сѐ на прва класа“, истакна Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија.
Годинава тутунарите очекуваат реколтата да тежи 26 милиони килограми на тутун, наспроти очекувањата на откупувачите кои побаруваат околу 28 милиони. Од Сојузот велат дека се подготвени за откуп и со бројот на повереници кои треба на вагите да го бранат ставот на тутунарите.
„Имаме доволно повереници, имаше и сега доволно за полагање во Институтот за тутун за добивање на лиценци, така да кандидатите кои имаат положено за лиценца ги користиме и ние како повереници, но ги користат и откупувачите како проценители, поради тоа што истата лиценца ја имаат и проценителите и поверениците“, додаде Ристески.
Во моментов има пријавено 10 откупувачи на ниво на држава со вкупно 324 ваги.