ВИДЕО- Прво место за прилепчанецот Георги Николоски на престижната Олимпијада во Њујорк, но за пари да стигне таму морал сам да се снаоѓа

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Наш гостин денес е Георги Николоски, ученик во трета година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, а повод за денешниот разговор е тоа што Николоски го освои првото место на „NEO Science Olympiad“, една ученичка олимпијада која од 10 до 16 јуни се одржа во Њујорк во САД, каде тој се закити со првото место. 

Николоски: Мило ми е што денес овде присуствувам во вашата емисија. Чувството да се учествува на една ваква олимпијада, пред сѐ на ваков престижен настан е огромно, многу е возбудливо да се добие едно вакво искуство со учество на олимпијада на која присуствуваат повеќе од 550 натпреварувачи од 41 држава низ целиот свет.

Вие во кој дел се натпреварувавте?

Николоски: Јас се натпреварував во категоријата наука. Имено, оваа олимпијада се одржува во повеќе категории како роботика, математика, наука и други информатички категории, а јас се натпреварував во областа на науката, за која се врши селекција со тест кој содржи прашања од областа на хемијата, физиката и биологијата.

Како дојде до моментот да се пријавите на оваа олимпијада и колку време претходно се подготвувавте за истата?

Николоски: Па ова е научно популарен настан, јас за овој настан дознав пред сѐ преку интернет. Претходно нашите професори тука во гимназијата нѐ имаа посоветувано и поучено за овој натпревар. Иако немаше интерес за овој натпревар од другите ученици, јас сепак подетално го разгледав и размислив како може да се пријавам и што можам да направам. Сфатив дека имам квалификации да учествувам на овој натпревар, претходно уште од основно образование јас имам учествувано на натпревари по биологија, хемија, физика, па и математика, со значајни успеси и просто јас се пронајдов на овој натпревар.

Значи отсекогаш твојата љубов е кон природните науки како физиката, хемијата, биологијата, на кој тест ти одговараше на оваа олимпијада.

Николоски: Да, се започна во 4 одделение. И претходно јас имав љубов кон проучување на природниот свет, набљудување на тоа што се случува околу мене, но во 4 одделение јас започнав да се натпреварувам на натпреварите по математика, а потоа од 5 одделение и на натпреварите по природни науки и натпреварот кенгур за логичко размислување. Мојата љубов кон природните науки започна со љубовте кон математиката, просто за мене чувството е убаво и задоволно кога можам да ја проучувам математиката и тие некои апстрактни и незамисливи поими од математиката, а потоа да ги применам во природниот свет. Јас мислам дека е многу интересно како математиката може совршено да се употреби во нашиот свет.

Дали долго време се подготвуваше за оваа олимпијада и како?

Николоски: Посебни подготовки за оваа олимпијада јас немав, иако се подготвував од декември па се до јуни, но посебно подготовки јас немав бидејќи веќе се имав подготвувано за меѓународните олимпијади по физика, хемија и биологија како посебни олимпијади, а сега оваа олимпијада имплементирајќи ги сите 3 науки мене ми беше полесно да учествувам, бидејќи го имав предзнаењето од претходните олимпијади.

Морам да потенцирам дека ти беше единствениот Македонец кој учествуваше на оваа олимпијада во сите области?

Николоски: Учеството на олимпијадите е навистина тежок процес и во моментот кога јас аплицирав за оваа олимпијада МОН и Владата не нудеа помош за учество на олимпијади, но морам да кажам дека сега има надеж за подобра иднина и во Македонија, затоа што од оваа година МОН веќе почнува да објавува конкурси за помош и целосно покривање на трошоците, финансиските пред сѐ, бидејќи сепак тоа е еден огромен трошок, но веќе ги гледаме плодовите од напорната работа на новата влада.

Кажете ми вие како се снајдовте да отидете до Њујорк, рековте во периодот кога вие се пријавувавте немаше државно покривање за учество на овие олимпијади.

Николоски: Финансискиот трошок за оваа или било која друга олимпијада е огромен товар за моето семејство, но и за било кое друго семејство, па затоа моравме да бараме помош од општествено одговорни компании на кои јас им сум неизмерно благодарен што ни излегоа во пресрет и ни помогнаа, а тоа се компаниите Гентерм, Витаминка, пекарата Антомос, фондацијата Заев, фондацијата Д-р. Пановски и Општина Прилеп. Тие ми помогнаа со финансиска поддршка да учествуваме на оваа олимпијада, но имав и морална поддршка, а тука треба да им се заблагодарам и на моите роднини и пријатели кои ми нудеа огромна поддршка и ми даваа мотив и елан за да работам повеќе. Морам да им се заблагодарам и на моите наставници од ООУ „Гоце Делчев“ каде мојата љубов кон природните науки имаше можност да се разгорува, да им се заблагодарам и на менторите тука во гимназијата „Мирче Ацев“ кои веќе 3 години работат со мене.

Колку чинеше учеството на оваа олимпијада?

Николоски: Учеството чинеше околу 4.500 американски долари.

Дали разговаравте со некои од учесниците на олимпијадата како е тоа решено во другите држави, дали нивното учество е покриено од страна на државите?

Николоски: Во другите држави, оние со кои јас можев да стапам во контакт за време на олимпијадата, трошоците за било која олимпијада се целосно покриени. Не сум сигурен дали таму има посебен конкурс на кој се пријавуваат, но знам дека секој што учествува на олимпијада е под капата на државата и целосно е покриено неговото учество. Во некои држави дури има и поркитија за спремање, за часови кои се за подготовка пред олимпијада.

Дали беше неизвесно во некој дел учеството на оваа олимпијада токму поради овие материјални и финансиски причини?

Николоски: Па најтешко беше во почетокот, односно во јануари и февруари, во месеците кога сето ова требаше да започни. Кога се обративме со моето семејство кон многу компании, кои за жал не ни излегоа во пресрет, тоа беше демотивичарки, но сепак ние имавме надеж и имавме зацртано цел дека ова мора да се оствари и продолживме понатаму. Потоа кога фондацијата Заев прва донираше средства за нас и ни помогна, продолжија и други општествено одговорни компании да донираат.

Каде се гледаш понатаму како млад човек, природните науки остануваат твојата цел или можеби нешто друго?

Николоски: Јас дефинитивно се пронаоѓам во областа на природните науки и во иднина планирам да работам нешто поврзано со овие природни науки, со физиката, хемијата, биологијата. Искрено не можам да ограничам само една област, иако ми е интересно и убаво се чувствувам кога ги проучувам секоја наука засебно, мене ми е најзабавно кога ги проучувам сите заедно, кога ги имплементирам заеднички и така ги проучувам. Затоа во моментов не сум определен на една и единствена природна наука, се трудам да ги вклопам и некако да направам некој микс осд што е можно повеќе природни науки, но и математика.

Како што кажа математиката е извор на сѐ.

Николоски: Да, се разбира.

Трета година во гимназијата „Мирче Ацев“, брзо ќе дојде времето кога ќе треба да се определиш за на факултет. Дали има размислувано, во Македонија или надвор?

Николоски: Па за факултет имам размислувано, искрено во моментот можноста за студирање во странство е реална, но јас сум повеќе наклонет кон студирањето во Македонија, затоа што иако во Македонија работниците од мојот кадар, природните научници имаат ограничен спектар на кариерен избор и пат, сепак се прават напори, се вложуваат напори тоа да биде променето во иднина. Како што кажав МОН веќе прави некои напори и вложува труд за да ги задржи пред сѐ научниците во Македонија.

Токму тоа ми беше прашањето, за да останат младите тука, младите таленти како тебе кои освојуваат први места во конкуренција на земји буквално од целиот свет, ти се закити со златниот медал, што треба да направи државата за младите да останат тука и не ја гледаат својата иднина некаде надвор од државата?

Николоски: Па Македонија пред сѐ морам да ја пофалам затоа што навистина има квалитетен кадар, барем за мојата област и може да нуди напредок на било кој млад научник како мене, но сепак јас мислам дека секој амбициозен научник како мене има желба да работи во средина која е фер и праведна и да работи со други млади амбициозни научници кои се полни со елан и живост и огромна љубов кон науката. Иако Македонија веќе почнува да нуди кариерен развој за научниците, јас мислам дека Македонија не нуди некоја фер и праведна средина и тоа е главната причина зошто младите ја напуштаат државата. Доколку тоа прашање се адресира во иднина, мислам дека повеќе би останувале младите тука.

Еве за крај, која е твојата порака за твоите врсници, до оние кои можеби имале желба но немале храброст да се пријават на вакви меѓународни натпревари? Пораката до институциите ја упати.

Николоски: Иако патот до успехот е многу трнлив и напорен, сепак вреди да се издржи, затоа што тој трнлив пат на крајот ја оформува и остварува твојата личност, помага да се пронајдеш себе си, го променува твојот карактер на некој нечин и се разбира јас би кажал дека ништо не е невозможно, со добра замисла и визија, со упорност, со одлучност ништо не е невозможно и сето може да се оствари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми