ВИДЕО- Прилепските Мечкари се вратија со нова награда од престижниот карневал во Исерниа, Италија

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Прилепските Мечкари се вратија со нова награда од престижниот Меѓународен карневал кој се одржува во италијанскиот град Исерниа. Овој карневал е место каде учествуваат исклучиво зооморфни, традиционачни маски од цела Европа, нема модернистички маскирани учесници. Мечкарите велат дека искуството да се учествува на еден вака организиран европски карневал е неповторливо.

„Приказната со Исерниа започна пред 3 години на нивно инсистирање и преку контакти започнавме да одиме на овој карневал. И првата и втората и оваа трета година бевме одлично пречекани како од организаторите, така и од публиката која го следеше карневалот. Првиот ден имаме движење низ улиците на Исерниа, низ стариот дел на градот каде има огромна посетеност, дефилето завршува со учество на бина и претставување на групната маска. Годинава маската ни броеше 34 членови“, изјави Тони Павлоски, член на здружение Прилепски Мечкари.

 

Годинава учествувале на Карневалот 19 групи од различни држави, од кои некои маски броеле и по 60-тина до 70 членови. Интересно за жири комисијата и публиката било тоа што нашата маска оди со музика.

„Нашата маска се знае ја нема никаде. Предноста е што од сите групи кои беа ние се издвојувавме бидејќи имавме тапан и зурла. Што е нас македонски инструмент. Сите маски носеа клопотарци, не дека ние немавме, имавме, можи имавме и помали од другите, но кога ќе одекни тапанот и зурлата сите се вртеа. Друго е чувството со музика, публиката доаѓаше по нас, играше со нас, со аплаузи пречекани. И кога ни ја доделуваа маската дадода опис за маската, но и за музиката, за тапанот, за зурлата“, истакна Љупче Николоски, член на здружение Прилепски Мечкари.

Прилепските Мечкари имале понуда и за учество на Карневал во месец февруари на Сардинија, исто во Италија, но за жал немале финансии да ја претстават Македонија таму, затоа што не добиваат никакви субвенции или пари од државата за ваквите настапи, а од Општина Прилеп средствата кои ги добивата се мали.

„Имавме покана за во Италија во февруари, на Сардинија, но немавме пари бидејќи се оди авионски. Не може да се оди со траект, мора авипонски и багажот ни беше многу скап за да ја носиме целата опрема. Е сега на овој карневал во Исерниа годинава се запознавме со една група од Риека, Хрватска, кои не поканија в година на нивниот карневал таму, па се надеваме доколку обезбедиме финансии, да отидеме во 2027 и таму. Досега сме биле и во Бугарија во Перник, во Врњачка бања, Хрватска во Сплит, Словенија во Птуј“, рече Љупче Петрески, член на здружение Прилепски Мечкари.

 

„В година сакаме да одиме во Луцерн во Швајцарија, но се ќе зависи од финансиите, тој е исто во февруари, ако успееме да се снајдиме тоа ни е исто така голем план за во иднина“, додаде Тони Павлоски, член на здружение Прилепски Мечкари.

Мечкарите се надеваат дека во иднина ќе имаат повеќе средства за да може да го претставуваат Прилеп, но и Македонија на карневалите низ Европа и светот затоа што културата, историјата и традицијата се најголемите амбасадори на едена народ и држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми