Формирањето на локалните акциски тимови во заедниците се најефикасниот начин за борба против насилниот екстремизам и тероризам покажале досегашните искуства од проектот кој од 2019 се спроведува во 5 општини. Во првата фаза влегле општините Чаир, Кичево и Гостивар, а од 2021 како втора фаза Струга и Прилеп. Целта била преку превентивни активности, особено во учиилиштата, да се изгради социјална кохезија, доверба помеѓу претставници од различни заедници, организирање на настани кои ги доближуваат младите преку спортот или културата. Токму затоа овие локални акциски тимови ќе бидат акцентот на кој ќе се фокусира и новата Национална стратегија за борба против екстремизмот и тероризмот во период 2023–2026 година.
„Приоритет е да се продолжи да се работи со овие 5 акциски тимови, затоа што во сите 5 општини се подготвени локални акциони планови кои се усвоении од страна на Советите на општините и и со наша помош ќе продолжиме да ги имплементираме активностите од тие локални акциони планови“, вели Пајтип Саити, проектен менаџер во „Центар за заедничка основа“ – Скопје.
Како дел од овој проект ЈОУДГ „Наша Иднина“ во Прилеп добија 17 креветчиња за деца. Претходно беше организиран спортски натпревар помеѓу 4 училишта за меѓуетничка интеграција, како и изложба на ученици кои изработија слики во оваа насока.
„Бевте сведоци на еден година каде имавме палење на возила, масовни тепачки итн… сметам дека сето тоа влегува во таа појава на насилен екстремизам и најсериозо е она што се случува денес во предучилишните и училишните установи тоа што постои булинг или насилство помеѓу врсниците. И сметам дека со вакви чекори со запознавање на децата, почнуваме од најмала возраст, да го намалуваме тој насилен екстремизам помеѓу младите па понатаму во развој на младината и општеството дека би се намалиле овие девијантни појави“, истакна Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Целта на сите овие процеси е идните генерации да комуницираат помеѓу себе без насилство и со почитување еден кон друг.