Прилеп доби уште едно современо баскет игралиште со тартан подлога, во вредностод околу 1.3 милиони денари, лоцирано во ООУ „Рампо Левката“. Беше потенцирано и тоа дека игралиштето ќе може да го користат сите не само учениците, односно после часовите игралиштето ќе биде отворено за сите љубители на овој спорт. Позитивно е и тоа што игралиштето е осветлено, па ќе може да се игра и во ноќните часови, кога временските услови го дозволуваат тоа.
„Ја користам приликата да се заблагодарам на Општина Прилеп и на градоначалникот на општина Прилеп, господинот Дејан Проданоски за издвоените средства за изградба на игралиштето за баскет со тартан подлога. Вредноста на игралиштето е околу 1.3 милиони денари, се надеваме дека не само нашите ученици од ова училиште, „Рампо Левката“, туку и останатите граѓани ќе го користат. Ќе дозволиме нормално да го користат кога нема часови и позитивна работа е што и во вечерните часови ќе може да се користи, посебно во летниот период, затоа што игралиштето е осветлено. Останатиот простор започнат е да се уредува во претходниве 2-3 години, понатаму планираме напролет да се посее нова трева, да се извади вода за наводнување. Сега имаме дел што е со прскачи со сензори, автоматски се уклучуваат и планираме и останатиот дел да се наводнува на тој начин и да се доуреди“, рече Жарко Бабаноски, директор на ООУ „Рампо Левката“ Прилеп.
Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека ова ќе биде катче за одмор и релаксација за целата населба. И се надева дека во иднина тука ќе се организира и некој турнир во баскет.
„Навистина сум горд што вака ги започнувам првите денови од мандатот, пуштање во употреба на ново баскет игралиште во дворот на ООУ „Рампо Левката“. Благодарност за заложбите на раководоството, за менаџерскиот тим, на директорот за тоа што се грижат за добро да го уредат овој простор каде децата треба да спортуваат и да развиваат здрави навики. 1.3 милиони денари чини изградбата на ова осветлено, со мека подлога баскет игралиште. Секое дете е добредојдено да го користи, како што кажа и директорот не е намерата да се заокружи овој процес со наставни активности, туку да биде едно катче за оваа населба за децата да имаат здрав развој, да се чувствуваат природно кога спортуваат, да го користат овој терен сите граѓани. Се надевам дека во иднина, еве и порака до директорот, да се организира некој турнир, да му се даде дух на ова катче и да продолжиме така како што и ветивме пред нашите сограѓани дека ќе се грижиме за здравиот развој на целокупната популација во Прилеп, особено на оние што ни се најмали, најмили и оние кои се иднината на овој град, тоа се децата во основно образование. Тука во близина е и СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ и како што спомнав цела населба да го користи ова катче, да биде простор за развивање на здрави навики и полека да ги оттргнуваме младите од оние пороци кои денес ги имаме, а тоа се паметните телефони и останатите работи кои им го нарушуваат и здравјето, а и им го оттргнуваат вниманието. Здрава навика за здрава генерација, мислам дека тоа е вистинскиот чекор каде треба да се движиме“, истакна Проданоски.