ВИДЕО – Прилеп е првиот град во Македонија кој доби бесплатна „Музичка соба“ за млади таленти

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Прилеп е првиот град во Македонија кој добива бесплатна музичка соба за млади таленти. Музичка соба“ е сместена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ преку проект кој го реализира Младински Совет Прилеп. Во оваа музичка соба ќе можат да вежбаат сите оние бендови кои досега немале каде, но исто така и музички солисти. Собата има техничка опрема и соодветно е звучно и акустично изолирана, а додека инструментите си ги носат самите бендови.

Тргнавме во разговори директно со Општината, што е она што е наше, за што не можеме да чекаме многу време и што е она што е изворно и што ќе остане тука. Така пристапивме кон Домот за култура да ги видиме можностите, да потпишеме трипартитен договор што е пример за сите општини во Македонија. Од овој настан денес треба да испратиме порака до сите градоначалници дека е многу едноставно доколку има политичка желба и верба дека навистина тоа треба. Денес отвораме простор кој во наредните 5 години ќе биде бесплатен за сите музички бендови и вокалисти кои сакаат да вежбаат и да бидат подобри во својата професија или хоби. Овој пример е патоказ како музиката, односно културата може да се спојат заедно со младите и како можат да направат уште едно катче каде тие ќе можат да го користат своето слободно време многу попозитивно, отколку со останатите пороци и опкружувањето денес“, истакна Зоран Илиески, Младински Совет Прилеп.

Засега договорено било тука да вежбаат 5 музички бендови, и околу 20-тина вокалисти, но таа бројка не е секако конечно и на неа може да се приклучат сите заинтересирани. Младите музичари се особено радосни за овој простор, особено оние кои досега свиреле и вежбале по подруми и гаражи.

 „Овој проект навистина е добар и значаен за сите млади бендови кои се надежни во Прилеп, бидејќи сите го имаме истиот проблем, каде да вежбаме, кога да вежбаме а да не му сметаме на некој за да не не пријави и пред се сметам дека со овој проект навистина ќе допридонесеме до поголем развој и подобар квалитет на нашите млади бендови во Прилеп“, вели Михаел Грашоски, член на бендот LOCKDOWN.

 

„Ние досега ги држевме пробите кај тапанарот в подрум и имаше поплаки од соседите дека е гласно, дека не можеме да свириме после 9 часот и навистина е проблем кога сте многу блиску до свирка, а вие немате доволно проби и треба да си одите порано од просторот за проби. Овој простор мислам дека е добро место за слободно да се изразиме за да може да пробаме како што треба, да се чувствуваме поспремни и послободни во простор каде можеби не им сметаме на другите“, додаде Ана Цветаноска, член на бендот КНАП.

Од Центарот за култура „Марко Цепенков“ велат дека јавно ќе биде огласуван распоредот за тоа како и кога ќе може да се користи овој простор.

„Институцијата и понатаму ќе биде отворена за соработка и за иницијативи кои подразбираат развој на културата и културниот живот во Прилеп. Во однос на прашањето како ќе биде распоредот за користење на оваа соба, ние имаме и секојдневни активности по програма во наша реализација, така да претходно ќе направиме средба со сите музички групи и музичари кои сакаат и се заинтересирани да ја користат оваа соба, би направиле неделни и месечни планови за работа во согласност со нашата програма и тие би ги објавувале на веб страната на „Марко Цепенков“ за сите да имаат увид кога се тие проби“, истакна Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.

 

„Сакам да ја информирам јавноста дека Општина Прилеп покрај учеството во капитални проекти и формирање на вакви катчиња во кои нашите млади музичари можат да музицираат, односно да вежбаат, ги ангажиравме сите и на прилепската празнична приказна која се организира на градскиот плоштад и сите бендови кои покажаа интерес да вежбаат овде, да музицираат се ангажирани од Општина Прилеп. Сакаме да ги припремиме како добри музичари, а друго да ги претставиме пред јавноста како наши групи кои сметам би ја претставувале иднината на музиката од Прилеп, а би не претставувале во рамките на цела Македонија, а зошто да не и во рамки на Балканот и пошироко во светот“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Од општината ветија и отворање на Младински центар во 2026 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми