Оваа година светот и Македонија, а секако тука е Прилеп, одбележуваат 80 години од победата над фашизмот. Но кога станува збор за НОБ оваа година е исто така доста значајна за Прилеп, со тоа што покрај големиот национален празник 11 Октомври Денот на востанието против фашистичкиот окупатор, годинава се одбележуваат и 50 години откако Прилеп го доби Орденот народен херој на 7 мај во 1975 година од страна на маршалот Јосип Броз Тито. Ова е голема чест за Градот херој затоа што освен Прилеп, само уште 7 други градови на ниво на тогашна Југославија го добиваат ова поризнание, а тоа се Љубљана, Загреб, Белград, Нови Сад, Приштина, Дрвар и Цетиње.

„Овој орден секако претставува големо признание за влогот на Прилеп и прилепчани во НОБ, не само заради фактот што тука се кренало народното востание на 11 октомври 1941 година, туку и заради сето она што во текот на тие неколку години Прилеп дал голем број на активности, борби и жртви се разбира. Прилеп дал 650 жртви, дал 15 народни херои од кои 10 загинале, а 5 ја продолжиле својата борба во слободарска Македонија. Прилеп имал 24-25.000 жители во тој период, а според некоја статистика имаме 8.000 учесници во НОБ, или тоа е секој трет, една фрапантна бројка која зборува за херојството, за ангажманот и учеството на Прилеп и прилепчани во НОБ. Ако земиме во предвид дека од тие 8.000, 2.700 се со пушка во рака, тогаш овие бројки добиваат уште повеќе на значење. Прилеп дал 650 жртви и во спомен на сите нив изградени се споменици, спомен обележја, меѓу кои и овој меморијален музеј кој потсетува на почетокот на народното востание“, истакна Рубин Белчески, историчар во Завод и музеј Прилеп.
Тој Орден за град херој што му беше доделен на Прилеп исчезна од просториите на градското собрание во 1993 година. На барање на Боречката организација, во соработка со Завод и музеј Прилеп и Општина Прилеп во 2018 година беше направена Копија на орденот кој сега е поставен повторно во Меморијалниот музеј 11 Октомври.
„На иницијатива на боречката организација, а во реализација на Завод и музеј Прилеп и Општина Прилеп се направија 2 копии, едната да биде тука во делот на меморијалниот музеј „11 Октомври“, а другата во општинското собрание. Воедно, се направи и еден релјеф кој со апликација на Орденот народен херој кој стои во зградата на општинското собрание“, рече Белчески.
Но за жал придобивките на НОБ и создавањето на македонската држава во тој период некако како да се подзабораваат во денешно време и недоволно се цени таа таа жртва која што тогаш ја дале паритзаните за да ние денес ја имаме оваа слобода и да можеме да имаме сопствена самостојна држава.
„Недоволно ги чуваме тие придобивки, бидејќи некако како да сметаме дека таа слобода, таа победа над фашизмот дошла така лесно и не одаваме доволно признанија и почит на сите оние кои се бореле за слободата и независноста на Македонија. Мислам дека тука повеќе програмите во образованието треба да бидат во насока на поголема почит на НОБ, тоа е најсветлиот момент, тоа е најсветлиот период од историјата на македонскиот народ, бидејќи со оваа борба Македонија се стекнала со државност“, додаде Белчески.
Сите овие настани од нашето минато недвосмилено само ја потврдуваат борбата и континуитетот на македонскиот народ за создавање на своја сопствена самостојна држава, нешто што после допг период се оствари во рамките на поранешната држава Југославија, а кулминираше на 8 септември 1991 година со референдумот за самостојна и независна држава Македонија.