Просторот позади хотел „Скопје“ во Прилеп за 5 месеци ќе добие нов современ урбан лик и ќе стане пешачка зона. Практично овој дел ќе биде продолжение на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ кој се простира се до малиот паркинг пред катната гаража. Овој простор во иднина ќе биде забранет за возила. Исто така се најавува и уредување на просторот позади „Участакот“.
„Ќе се работат 2100 метри квадратни, доуредување и поставување на убана опрема на овој дел од плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, или поточно улицата „Јане Сандански“. Вкупната вредност на проектот е 16.4 милиони денари, обезбедени преку повикот на Владата и ова е последното катче кое треба да се уреди во овој дел. Знаете во последно време дека имаше сериозни реакции во однос на паркирани возила и попреченост на движење на пешаците, а и навистина една запоставеност, бидејќи подолго време не беше реагирано во овој дел на градот и ова е една од последните фази која комплетно би го дозаокружила и во иста форма да биде целосно плоштадот „Методија Андонов – Ченто“.
Завршуваме со уште една фаза, а тоа е просторот зад „Участакот“, каде и таму треба да се докомплетира, односно да се доуреди просторот и да добиеме една комплетна целина, исклучувајќи ја старата прилепска чаршија, но тоа би било следен проект на кој се работи интензивно во локалната самоуправа и треба да се дозаврши, па да се бараат средства за негова изведба, односно за уредување на плоштадката која се наоѓа помеѓу улиците во старата чаршија.
2100 квадрати се дооплеменува, една целина би било комплетна, значи истите шари продолжуваат од плоштадот и завршува со улицата која ги поврзува стамбените објекти зад хотел „Скопје“. Тука би било последно асфалтирано парче, а овде во овој дел би биле исти плочки како плоштадот. Изведувач на градежните работи е градежната фирма „Карпа“ од Прилеп“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.