Според информациите на Државниот завод за статистика двете одлуки кои ги донесе Владата, мерките за ограничување на бруто профитните маржи кои овој пат беа скалести, 5, 10 и 15%, дадоа добри ефекти и ние сме задоволни како Влада, изјави денеска Марјан Ристески, заменик министер за економнија.
„Пред се имавме дефлација на март месец во однос на февруари, беше некаде 1.3%, а исто така имаше и намалување на процентот за трошоци за храна и пијалоци, некаде околу 3% во март во однос на февруари.
Крајните резултати ќе ги имаме на крајот од завршувањето на мерката која треба да заврши на крајот од месец април и тогаш ДЗС ќе ги има официјалните податоци, со кои податоци точно ќе знаеме колку оваа мерка дала заштеда на едно просечно македонско семејство во однос на трошоците на основните прехрамбени производи кои ги користи во текот на еден месец. Одлуката мислам завршува на 30 април, од тие податоци кои ќе ги имаме и како ќе се однесуваат трговците во иднина ќе зависи тоа дали ќе има нови мерки или нема да има.
Не само што имаше казни, казните собраа преку 3 милиони денари, казните кои се изречени од Државниот пазарен инспекторат, меѓутоа исто така да напоменам дека во овој период се направени преку 600 инспекциски контроли во трговијата на мало и големо и во 8 објекти имаше затворања, а тоа беа претежно оние увозници на овошје и зеленчук, кои на некој начин пробаа да ја изиграат мерката.
Контролите ќе траат до крајот на самата мерка и наредниот период до 30 април, онаму каде што ќе бидат утврдени неправилности ќе бидат санкционирани со казни. Да напоменам прекршочните казни изнесуваат од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетите и трговците на мало и големо. А исто така можно е и затворање на одредени трговци, односно маркети“, рече Ристески.