По повод 18 години од постоењето на Ротари клубот Прилеп денеска од оваа организација донираа 18 екстрактори за храна на детските градинки „Наша Иднина“ во Прилеп, како и 180 килограми зеленчук и овошје. Мотивот за оваа донација биле пред се последните фрапантни податоци од Институтот за Јавно здравје за тоа колку малку нашите млади конзумираат ваков вид на храна. За таа цел во детската градинка „Гоце Делчев“ нашите најмали приготвија вкусни смути и сокови од овошјето
„Само 25% од децата во Македонија јадат овошје. Тоа воедно е и податок кој упатува на тоа дека Македонија е последна во европскиот регион по консумацијата на овошје кај младата популација. А само 21% од децата консумираат секојдневно зеленчук. Од друга страна фрапантен е податокот дека дури 31% од децата имаат зголемена телесна тежина, а 17.5% од децата веќе влегуваат во онаа категорија на деца со дебелина која мора да се третира на одреден начин“, вели Орде Ѓорѓиовски, претседател на Ротари клубот Прилеп.
Со ваквите акции целта е да се поттикне конзумирањето на здрава и кај децата, и кај воспитувачите, и кај родителите. Од детските градинки „Наша Иднина“ Прилеп се заблагодаруваат за ова донација и истакнуваат дека постојано работат на тоа децата да имаат поздрави оброци.
„Секојдневно ги планираме оброците да имаат разновидност, меѓутоа да бидат и нутритивно соодветно подготвени. Како што имаме 5 работни дена, така имаме и различни подготовки за појадок, ручек и ужинки. Затоа имаме и стручен тим кој работи во однос на тоа и секојдневно имаме и обуки кои одат во насока на здравата исхрана кај најмладите“, додаде Билјана Петкоска, директор на градинки „Наша Иднина“ Прилеп.
Инаку лани Ротари клубот донираше 21 прочистувач на воздух за градинките, а фидбекот од тоа бил одличен затоа што во сезона на вируси и бактерии сега имало зголемено присуство на децата во градинките. А до крајот на јуни Ротаријанците планирале да опремат уште 2 градини во Прилеп со прочистувачи за воздух.