Руралните жени докажаа дека преку нивно здружување во лоби групи преку преку проектот „Гласови на руралните заедници“ можат да придонесат за решавање на децениските проблеми во нивните заедници. За само 1 година во општините Крушево, Кривогаштани и Долнени во 4 населени места: Бучин, Бела Црква, Воѓани и Дебреште, успеале да излобираат проекти кои веќе се планирани во буџетот за 2026 година како што се: изградба на спортски игралишта, партерно уредување на местата кои се диви депонии, чистење на речни корита, изградба на улици, корпи за отпадоци и слични помали проекти.
„Оваа година проектот покажува дека потребите на мажите и жените во една заедница не се исти и заедничкото женско делување, посебно за овој проект е многу значајно. Она што сакам исто така да истакнам е тоа што општините и јавните институции навистина беа отворени кон тоа да ги видат жените, да ги слушнат нивните потреби и да реализираат дел од она што тие го бараа. На крај ќе напоменам дека заедничкото женско делување произлегува со конкретни резултати, конкретни проекти и секако ова е процес кој ќе продолжи и понатаму“, истакна Даниела Цветаноска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Жените од руралните средини после овие успеси охрабрени најавуваат интензивирање на лобирањето за доаѓање до поквалитетен начин на живот во селата.
„Има успех да, се надеваме дека ќе дојде до конечни резултати, дека ќе се решат проблемите и тоа што го бараме ние како жени, како здруженија на жени. Активни сме по состаноци, жените сами бараат состаноци за решавање на самите проблеми. Значи секое село од општинава има своја потреба, секое село си има нешто што му фали, секој се соочува со некој проблем, а ние тие барања ги правиме во Општината, каде бевме прифатени“, додаде Маријана Паскоска, жител на с. Воѓани, О. Кривогаштани.
Оваа иницијатива кај нас трае веќе 6 години. Проектот се спроведува досега во 80 села низ државава, а за прв пат во Пелагонискиот регион.