Со хепенинг под мотото „Четкај Блескај“, кој што го организираше општата болница од Прилеп, во Центарот за култура од овој град, се одбележа Светскиот ден на оралното здравје. Целта на настанот беше да се промовираат придобивките од грижата за оралното здравје, особено кај најмладата популација.
„Здравата и избалансирана исхрана, редовната хигиена, редовната посета на стоматолог се оние клучни фактори кои придонесуваат да имаме нормално орално здравје, односно да имаме здрава насмевка и дечињата да бидат задоволни со таа своја здрава насмевка. Токму заради овој ден сме собрани тука со низа на активности кои ги организираме по повод истиот, а тоа е да доделиме промотивен материјал обезбеден од нашите спонзори во вид на донации за да ги промовираме препаратите кои служат за орална хигиена, четка, паста, да ја поделиме здравата храна, да поделиме флаери“, кажа Д-р Јулијана Стевананџија, специјалист по детска и превентивна стоматологија.
„Оралното здравје е главниот клуч за целата здравствена состојба на организмот, затоа го промовираме за децата од мали нозе да го сфатат тоа дека со здрави заби ќе бидат поздрави и ќе немаат проблеми“, додаде Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп.
Настанот се организираше во соработка со сите основни училишта и градинките Наша Иднина од Прилеп.