ВИДЕО – Со посета на Археолошката поставка во прилепскиот музеј и Кралската гробница кај Бонче се одржа 4-та „Вело тура за култура“


По 4 пат денеска се одржа рекреативната и едукативна Вело тура за култура чија основна цел е промоција и афирмација на културното и историското наследство во Прилеп и околината, притоа спојувајќи го сето тоа со спорт, рекреација и здрави навики на живот, или во случајов велосипедизмот.

Турата како и претходните години се одржа во соработка со Заводот и Музеј од Прилеп од каде што и започна со посета на Археолошката поставка, во која што се наоѓаат извонредни артефакти, како најстариот жртвеник на Балканот стар преку 8.000 години, голем број на скулптури, а меѓу најзначајните изложени предмети се и два од трите антички штитови со 12 кракото сонце на кои е напишано името на македонскиот антички крал Деметриј, кои се пронајдени во близина на Кралската гробница која се наоѓа помеѓу селата Подмол и Бонче. Значењето на артефактите во Археолошката поставка беше објаснето од страна на Габриела Христовска, кустос археолог во Завод и музеј Прилеп.

Турата од тука продолжува кон главната атракција, односно познатата Кралска гробница, која е единствена од таков вид пронајдена во Македонија и една од неколкуте вакви пронајдени на светско ниво, кои се наоѓаат во денешна Грција.

Исто како во Археолошката поставка, значењето на оваа уникатна и доста значајна гробница беше објаснето од страна на познатиот прилепски археолог Душко Темелкоски од Заводот и музеј Прилеп.

„Благодарност за поддршката до Општина Прилеп, Завод и Музеј Прилеп, како и до „Витаминка“ за нивните производи со кои се освеживме во текот на турата. Се гледаме в година со нова дестинација и нова едукативна тура преку која ќе се запознаеме со нашата историја и култура“, велат организаторите на Вело тура за култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира