Во Прилеп на 22 и 23 ноември ќе се организира турнир во табла на кој се очекува да учествуваат таблаџии од повеќе градови на Македонија. Организатор е Васко Смилески од Прилеп и здружението ЕБАГО ТАБЛАЏИИ. Смилески успеа за само 1 година да организира 4 вакви турнири. Вели дека таблата е пред се забава и дружба, а потоа спорт во кој се трудиш на победиш. Веќе биле во преговори со 11 други клубови на ниво на држава да формираат Сојуз или лига за бегемон и табла за да може потоа да се натпреваруваат и интернационално.
Како си Васко?
Смилески: Добро вечер.
Каде што те оставив пред една година, пак те најдов на истово место. Освен табла играш нешто другo?
Смилески: Сега за сега не, но правиме.
Три организации на натпревари во табла и еден натпревар во бегемон за само една година и сега четврт по ред во табла е навистина импресивна бројка која бара огромна организација, труд и пред се логистика и навистина честитки за сето ова што ти го направи за само 365 дена во Прилеп и Прилеп го направи да биде центарот на таблата во Македонија.
Смилески: Прво сакам да се заблагодарам на убавите зборови.
Инаку морам да кажам дека е мала шала дека играш само табла, морам да кажам дека за тие што не те знаат Васко е еден од подобрите пица мајстори во Прилеп и неговата позната пица А ла Васко ја знаат сите, но објектот каде што работи не го кажувам оти нема платено за реклама, па ќе го спомнеме другиот пат. А исто така дека си вреден кажува тоа што на сите оние кои што тргнале со едната нога во пензија им ги даваш документите за стаж, М1, М2 итн., така што еве ти отворив работа, сите што имаат потреба од таков документ во Фондот за пензиско осигурување да го побарате Васко и за 5 минути е завршена работата.
Смилески: Ова сега не ти требаше, ама ајде.
Морам малку да те пофалам.
Смилески: Фала уште еднаш за убавите зборови.
На 22 и 23 ноември го организираш четвртиот по ред, веќе традиционален турнир во табла. Како започна целата приказна, ајде да се потсетиме малку, пред една година точно на ова место и точно на овој ден го направивме првото интервју со тебе во врска со идејата која ја доби и која сега веќе се реализира во пракса.
Смилески: Идејата почна од една едноставна желба да се поттикне дружење помеѓу луѓето, да се оттргнеме од секојдневните обврски, да се опуштиме и таа една мала иницијатива полека сакам да ја претворам во една традиција во Прилеп и да стане бренд, да биде еден убав настан каде не само луѓето од Прилеп, туку од цела Македонија да имаат повод да дојдат во Прилеп.
Во овие изминати и веќе организирани натпревари доаѓаа луѓе и од други градови?
Смилески: Како што напомена во најавата, во овој краток период од помалку од една година организирав 4 доста успешни турнири од кои 2 во табла, 1 во бегемон и овој ќе биде четврт турнир. Во бегемон, тоа е исто еден вид на табла, беше екипен турнир каде имав екипи од цела Македонија, поточно 5 екипи од Скопје и уште 6 од цела Македонија, од Пробиштип, од Штип, од Битола, Кавадарци и беше една преубава дружба. Дојде и една идеја и оформив здружение со име „Ебаго таблаџии“.
Поприлепски не можеше да биде.
Смилески: Поприлепски, амин.
Значи ако не беше тоа првото зборче, само таблаџии, ќе си помислеа дека е од Чешиново – Облешево, од Конче, од Радовиш, ама со тоа нѐ знаат од Торонто до Токио. Нема тука погрешување.
Смилески: Така се роди идејата, го формирав здружението „Ебаго таблаџии“ во кое што има членови од 30 до 40 ентузијасти за табла. Како клуб имаме учествувано на турнири во Скопје, во Штип, имаме освоено 1 место во Штип во бегемон. Пред сѐ е дружбата, ширењето на другарството, пријателството нема цена.
Значи пред сѐ таблата што е натпревар и спорт на некој начин, е дружба и забава.
Смилески: Таблата е повод, сатисфакција има за да се победи, нормално сите играме за да победиме, никој не игра за да изгуби, но пред сѐ е дружењето.
Се игра по нешто, по кафе, пијачка?
Смилески: Претежно се игра по кафе или по пијачка. Играме на 2 добиени, стандард во Прилеп се игра до 5. Така за овој турнир, да повторам како што кажав во најавата, на 22 и 23 ноември се организира во My Place во бизнис центарот на 1 спрат турнир во табла. Котизацијата е 300 денари, бројот на пријавени натпреварувачи не е ограничен, полот исто така не е ограничен, етничката припадност не е никаква пречка за да се дружиме, така да сакам сите да ги повикам кој има желба за табла да се пријави на турнирот, забавата е загарантирана, а дружењето уште повеќе.
Кои се правилата на игра и кои табли, трите вида ќе се играат?
Смилески: Се игра на трите табли, натпреварувачите ќе бидат поделени во групи, во зависност од пријавените групите ќе бидат од 5 или 7 наптреварувачи, сето во зависност од пријавените играчи. Ќе има награди за сите четврт-финалисти од нашите тредиционални спонзори. Сакам јавно да се заблагодарам за поддршката пред се на Општина Прилеп, на пицерија Академи, СК Травел, Евро Тип кладилници, бутик Њујорк, бутик за чевли Галерија.
Има уште некој?
Смилески: Некој ако го заборавив нека ми прости.
А Инфо Компас? По муабетов фактурче на сите да му доставиме.
Смилески: Чекај сега, за да биде успешен еден турнир мора да има и медиумска покриеност. Тука пред сѐ сакам да се заблагодарам на традиционалниот партнер на моите турнири, а тоа е Инфо Компас.
Мислев нѐ заборави, готово ќе станев.
Смилески: Котлина и ОТВ. Значи без медиумска поддршка и без да се експонира човек во јавност не бидува ништо. Затоа би сакал уште еднаш да ги поканам сите прилепчани и цела македонска јавност да се пријават на овој настан и да присуствуваат со своето учество. Големиот турнир во табла во Прилеп ќе се одржи на 22 и 23 ноември, пријавувањето е почнато од 10 ноември до 20 ноември. Забавата е загарантирана и ве очекувам да се пријавите.
Рековте има и награди, колкав е паричниот фонд на награди?
Смилески: Има парични награди за прво, второ и трето место, процентуално ќе бидат поделени котизациите, во зависност колку ќе се пријават 50% ќе биде за прво место, 30% за второ и 15% или 20% за трето место. За сите четврт-финалисти ќе има ваучери од нашите спонзори.
Кога пред една година точно на ова место разговаравме рече дека идејата ти е повторно да ја вратиш таблата меѓу прилепчани, малку подзаборавена со дигитализацијата, односно мобилните телефони, луѓето сѐ повеќе време посветуваат во скролање на социјалните мрежи отколку баш едно вакво дружење очи во очи. Успеа ли во таа мисија, се врати ли некако таблата повторно во кафулињата низ градот, во друштвата?
Смилески: Па гледам вака искрено да ти кажам, сега во мода е во градов малски кафиќи, гледам дека играат и помлади и повозрасни. Значи не е таблата изгубена, живееме еден брз живот, тешко во последно време се најдува слободно време, а за табла да играш треба слободно време, барем еден саат и пол до 2. Тој што сака може да го најди и да се подружи и да си го опушти мозокот.
Колку клубови има вака како вашиот во Македонија и дали имате некаква лига, натпревари, некаква федерација?
Смилески: Како што имам информација, јас колку што знам има 10 или 11 бегемон клубови во Македонија, 5 или 6 од Скопје, има од Штип, Пробиштип, Кавадарци и од други градови. На првиот турнир лани што го правев, што е позитивна страна, во бегемон екипното првенство што го правев Прилеп беше домаќин на првата иницијатива од сите овие клубови што ги напоменав да оформиме еден сојуз или асоцијација за да можеме сите клубови да бидеме во едно тело. Па здравје Господ да се направи тој Сојуз, да се направи една репрезентација како што има во фудбал, во ракомет, бидејќи во табла и бегемон има еден куп интернационални турнири во Србија, Грција, Малта. Значи бегемонот е популарна игра, модерна и е доста интересна во светот. Кај нас толку многу не се игра, но целта на иницијативата на ова здружение беше тој спорт малку да го внесам во Прилеп особено и да го популаризирам, бидејќи е интересен, барем за мене. Пополека се прифаќа, не е баш лесно, но сепак е добро.
Очекувате и од други градови сега да се пријават?
Смилески: Да, веќе имам најава од Штип дека ќе дојдат, од Пробиштип исто така, од Скопје очекувам, значи очекувам да има пријавени 60тина луѓе. Колку повеќе луѓе ќе има пријавено, толку ќе биде поинтересно. Значи секој пријавен играч на турнирот ќе изигра најмалку 4 утакмици, нема да биде веднаш елиминационен систем па да се работи да речиш среќа имаше денеска и му одеше зарот, бидејќи зарот може да оди една партија, две, три, не може цел ден да ми оди зарот.
Значи освен среќата, треба и знаење.
Смилески: Во сѐ во животот треба знаење, без знаење нема ништо, не е во таблата само да фрлаш дупли, бидејќи дуплите не се секогаш добри, некогаш нема да се погодат како што треба.
Кога ќе ги ставиме на ранг прилепчани со другите каде сме во табла, во бегемон?
Смилески: Во табла можам да кажам меѓу првите, во бегемон на средина. Во табла гарантирам дека сме во првите.
Васко ти благодарам за одвоеното време за овој разговор, за турнирот кој ќе се организира на 22 и 23 ноември, тоа е следниот викенд што доаѓа. Еве и јас да ги повикам сите оние кои се љубители на таблата да дојдат во Прилеп, да се пријават онлајн, пријавувањето е до 20 ноември и да бидат дел од оваа навистина интересна манифестација која во тие 2 дена ќе се организира тука во градот под Марковите Кули.