Не е случајно што кампањата денес ја започнуваме токму тука, во Крушево од каде што тргна славната борба, епопејата за македонската независност, која ја започнаа нашите предци, Илинденците, кои ги делеа истите вредности со нас социјалдемократите, веруваа во слобода, правда, демократија, не дискриминираа по ниту една основа, повикуваа на обединување и таа борба преку НОБ и АСНОМ ние ја финализиравме во делот на НАТО интеграцијата и ќе ја завршиме со евроинтеграциите на земјава и никој нема да може да нѐ запре, порача вечерва од Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Освен што не случајно од тука ја почнуваме кампањата, не случајно нашиот слоган се вика борба за нашиот дом, затоа што во него се сублимирани сите политики на СДСМ во изминатите децении. Затоа што нашиот народ секогаш чувствувал и знаел кога некој сака да го угнети, кога некој сака да го замолчи и кога некој сака да го ограби, а токму тоа денес го прави ВМРО – ДПМНЕ. Затоа ние ќе се бориме и ќе се избориме за нашиот дом, за секој еден дом, за секоја улица, за секоја населба, за секоја општина и за секој град. И ова што вечерва го гледам, оваа голема бројка на луѓе, оваа енергија, овој ентузијазам, јас знам дека во ова славно Крушево не е поради тоа што денес почнува кампањата, знам дека не е поради тоа што на 19 октомври ќе има локални избори, туку знам и чувствувам дека е поради љубовта за татковината.
Почитувани присутни, од овде од Илинденско Крушево ја испраќам пораката дека СДСМ нема да се откаже од борбата за нашиот дом, за нашата Македонија. Не се откажаа ниту нашите предци, Илинденците и Асномците од целта за слободна, демократска и независна Македонија. Ќе го продолжиме нивниот аманет за подобра иднина, за нас и нашите деца.
Почитувани присутни, ВМРО – ДПМНЕ е на власт веќе година и пол и 4 години локална власт, практично апсолутна власт. Покажаа дека се неспособни и како централна и како локална власт, немаат капацитет за политики кои државата може и треба да ја водат напред. Видовме дека граѓаните не им се приоритет, важни им се само нивните лични и партиски интереси, нивните луксузирања и нивните уживања. Заборавија на граѓаните, оваа влада не донесе ниту една добра политика за граѓаните. Ги оставија да преживуваат, да се борат да го протуркаат месецот со цени кои секојдневно дивеат, а со плати кои едвај стигнуваат за покривање на основните трошоци. Нема слух владата за апелите за зголемување на минималната плата. Работниците едвај врзуваат крај со крај, младите секој ден планираат само иселување, пензионерите ги излажаа, земјоделците останаа без субвенции, сите се понижени и заборавени.
Ветија правда, донесоа неправда. Видовме како ги штителе функционерите после пожарот во дискотеката „Пулс“. Да не бевме ние со нашите прес конференции, сите ќе остание заштитени. Со тоа се откри најгрдото лице на оваа власт. Македонија е далеку од горда, сѐ што ветија сѐ излажаа. Се удираа в гради дека ќе го променеле името, дека ќе обезбеделе подобра преговарачка рамка и ништо не направија. На овие луѓе, почитувани пристуни, не може и не треба баш ништо да им се верува. Победија со лажен патриотизам, победија со лажна грижа за граѓаните.
Почитувани присутни, нас сите нѐ поврзува определбата дека патриотизмот и достоинството не треба да се злоупотребуваат за партиски рејтинг, затоа што патриотизам е да се обезбедат подобри услови за живот, почиста животна средина, да се подобрат сите аспекти кои животот го прават подобар. Патриотизам е кога мислиш на секој еден да му биде подобро. Затоа ви порачувам, во следните 20 дена да го свртиме вниманието и сите активности да ги насочиме кон луѓето, кон работниците, кон младите, кон пензионерите. СДСМ беше и останува заштитник на граѓаните, но со вистински проекти и со вистинска поддршка“, рече Филипче.