ФК Перак од Прилеп денеска одбележа 30 години од своето постоење со фудбалски турнир за генерациите 2016, 2017 и 2018 година. Имаше и гости екипи од Битола и Неготино. Сопственикот и основач Зоран Димоски пред камерите на Инфо Компас се потсети за тоа како се оформил клубот во 1996 година, како биле почетоците, што се случувало за овие 3 децении и каде го гледа ФК Перак во иднина.
„Во 1996 година бев млад професор по физичко, но невработен и како и секој млад невработен барав начин нешто да изнајдам. А бев и женет и со мало дете, ќерка ми. Една од идеите покрај многуте ми ја даде, лесна му земја, професорот Велимир Јакимоски, татко на нашата бизнисменка Ирена Јакимоска од Комфи Ангел. И ме повика, тој тогаш беше претседател на Сојузот на училишен спорт во Прилеп, искрено јас мислев дека ме повика да работам за неговиот клуб, тој имаше детски клуб за фудбал и ми даде идеја да создадам свој клуб за да имаме поголема маосвност и да играме натпревари меѓусебно. Бидејќи тогаш функционираа како во состав на Победа, една школа се викаше „Талент“ со исто починатиот Бранко Петрески – Педано. И само со нив можевме да играме натпревари, малку бевме два клуба само. И така започна приказната. И од старт добар одзив имав, започнавме со 24 дечиња, ама доста талентирани имаше во тие деца. Еден од нив сега ми е и тренер во клубот, Влатко Кузманоски, од таа генерација е момчето и во моево искажување сакам да нагласам дека сите тренери кои работат во ФК „Перак“, освен јас како сопственик и тренер сите ми се бивши фудбалери на ФК „Перак“. Започнав со генерација 1985 година и мене ми е мило не само што има добри фудбалери, излегле и играчи кои професионално се занимаваат со фудбал. Многу од низ завршија како педагози, доктори има, информатичари, од сите сфери на општеството и мислам дека тука прилично добро влијаеме ние на дечињата и на воспитно-образовниот процес.
Во 2000 година со познатиот спортски работник од Прилеп, Марјан Стојкоски – Манта, сега заменик претседател на ФФМ, неговиот син тренираше во ФК Перак и така некако се запознавме подобро со Марјан и ми понуди да работам за ФК Победа. Јас со голема радост ја прифатив задачата, во тогашно време немавме баш добри генерации на фудбалери во Победа, можам да нагласам дека прилично сум заслужен за подемот на младинските категории за тоа време и потоа стасавме и три пати до полуфинале на макеоднскиот куп. Можам да ги нагласам од тоа време голманот Дарко Тофилоски и тој ми е прва генерација во клубов, тој е 1986 роден, а одеше заедно со генерација 1985 и учеше со нив. Потоа тие добри деца јас си ги префрлив во Победа и стигнавме да ги победуваме најсилните школи во Македонија, односно клубови.
Нашата соработка со Перак започна многу одамна, но не како моја приватна школа туку како тренери на фудбалскиот клуб Пелистер од Битола. И долги години заедно соработувавме, можам да кажам како една школа од највисоко ниво и во однос на организација и во однос на соработка со останатите школи, значи целосно комплетно школа со која секој клуб би посакал да има соработка. Дојддовме на сегашниот турнир на покана на домаќинот, екипи кои долго време соработуваме и можам да кажам дека ние сме и основоположници на детската лига во Македонија. Во прво време имаше помалку фудбалски школи со приватна сопственост но по 2010 година кога се овозможија и услови за организиран систем на натпревари, дотогаш игравме пријателски натпревари, тогаш ни ја започнавме детската лига во денешен формат, па после од Фудбалската федерација дојдоа на разговор кај нас и дојде таа идеја, ние сме кумови од овој дел со постарите школи на оваа детска лига која ден денес опстојува и во малку посовремен формат се игра.
Седум или осум години работев како тренер цело време на пионери. Тогаш беа младинци, пионери и кадети, сега се 4 категории. И во многу тешки услови работевме, сега се далеку подобри условите, ние тогаш работевме на стадионот кај базенот. Ајде да кажам и за мојот личен развој како личност. Бев скоро цела година помошен тренер, тука е тогашниот селектор Лаза Гаштаров, во репрезентација на Македонија, за генерација 1990. Од нашиот клуб во таа екипа тогашна беа Нестороски, Смоквоски, Кире сега е судија и Зојчески Александар, три дечиња имавме во поширокиот круг.
Перпективите на ФК „Перак“ ги гледам пред се во тренерскиот кадар во клубот. Ви кажав претходно дека сите момци, за мене се момци, можам да им бидам татко, сите се млади образовани бивши фудбалери и тоа да не е реклама навистина беа добри играчи сите тренерите. Двајца од нив беа во широк круг на репрезентација на Македонија дури беа младинци и задоволен сум како работат на теренот и сега јас полека, годините си го прават своето, за брзо време и во целосна контрола клубот ќе го оставам на нив, имам потполна доверба, се надеваме дека ќе се развиваме. А имам и една голема желба тие ја знаат, јас би сакал ФК „Перак“ да има и сениори“, изјави Зоран Димоски.