Црквата Успение на Пресвета Богородица во Крушево е дел од т.н. преродбенски цркви. Започнува да се гради во периодот 1867/1868 година. Во тој период доаѓа до национална артикулација и афирмација на македонското христијанско население од Крушево.

Согласно тогашните османлиски закони во секое населено место доколку се организирале 40 фамилии, односно 40 куќи, можеле да формираат општина. Но главен услов било да имаат изградено црква околу која ќе се организираат сите надлежности од т.н. Милет систем кој тогаш бил на сила во Османслиска империја.
Оваа црква ја гради македонското Мијачко и Брсјачко население. Еден од главните мајстори при нејзината изградба бил Стојче Кецкаров. Набрзо потоа тука е организирана и народна општина.
За таа цел, на 14 март 1868 година, во непосредна близина на црквата откупена е куќата од Румена Наумческа за 550.000 гроша, која е преадаптирана во училиште. Во 1870 година куќата е урната и на нејзино место е изграден денешниот објект на тогаш егзархиското училиште. Со црквата се поврзани два интересни историски заведени факти.
Првиот е дека во 70-тите години од минатиот век, кога се правела главната улица во Крушево се откриени подземни тунели долги над 100 метри преку кои востаниците влегувале тајно во црквата. За жал денес тунелите се затрупани. Тунелот водел од куќата на Томе Никлев, првиот началник на Македонската револуцинерна организација за крушевскиот револуционерен реон. А потоа тунелот завршувал во внатрешноста на црквата.
Вториот куриозитет е дека ова е единствената црква која не е уништена за време на Илиндеското востание. Според црковното преданието храмот го штитела самата Богородица, затоа топовските ѓулиња не можеле да ја урнат. Шпрапнели и делови од топовската муниција се уште има на таванот од црквата. Целиот настан го има запишано Никола Киров Мајски, револуционер, писател и еден од авторите на Крушевскиот манифест.
Командантот на османлискиот одред му заповедал на некој си топчија Махмуд од Анадолија да изврши бомбардирање црквата. Тој го насочил топот кон црквата, истрелал неколку пати и потоа одбил да пука. Тој после Востанието живеел 6 месеци во Крушево и останал нем. Сведочел дека ја видел Богородица во форма на оган како му се заканува со прст додека тој пукал.
И оваа црква со својата убавина, приказни и легенди секоја година привлекува огромен број посетители и туристи.