Традиционално како и секоја година здружението „Преродба“ од Прилеп за празникот Иванден посетуваат некоја од детските градинки во Прилеп каде ги запознаваат најмладите со нашата традиција и месењето на кравајчиња за овој ден. Дечињата имаа можност да видат како се подготвува тестото, а потоа малите рачиња го месеа истото, го правеа во форма на кругови и го украсија со шеќерчиња.
„Редоследно неколку години со ред посетуваме по една градинка во Прилеп. Денеска сме тука во градинката „Рампо Левката“ во Прилеп каде на дечињата ќе им покажеме како се изработуваат и месат кравајчињата и им донесовме и готови кравајчиња за да можат да ги пробаат. Нашата богата традиција продолжуваме да ја пренесуваме бидејќи ние сме како повозрасна генерација и топа ни е и целта на нашето здружение „Преродба“, меѓутоа ние како жени, како мајки и баби сакаме сите овие празници и обичаи, па и обредни песни кои се пејат за одредени празници како и за овој песната „Тајане – Бојане“ сакаме да ја научат дечињата и да не пречекуваат со голема радост“, рече Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на здружение „Преродба“ од Прилеп.
Кравајчињата се месат поради роденденот на Свети Јован Крстител, денешниот ден Иванден.
„Кравајчињата се месат бидејќи претставувата леб, тесто, што значи дека денес е роден Свети Јован Крстител, па и ние го применуваме тој начин на прославување, се месат некаде мекици, порано се меселе кравајчиња во шеќерчиња бидејќи тоа претставува нешто благо, нешто убаво, нешто питомо“, додаде Ѓорѓиеска.
Од градинката „Рампо Левката“ искажаа голема благодарност на „Преродба“ за ова пренесување и зачувување на нашата традиција.
„Им благодариме на „Преродба“ што не почестија и што ни ги донесоа овие кравајчиња. Да им покажеме на дечињата дека треба и тие да ја продолжат оваа традиција, овие се големата група дечиња кај нас која сега треба да биде 1 одделение“, рече една од наставничките во градинката „Рампо Левката“.
Инаку на денешен ден свој именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…