120 вработени со Договор на дело во прилепската болница од денеска останаа без работа, државата не им ги продолжи договорите. Револтирани тие излегоа на протест. Велат дека иако според Договорот за да бидат отпуштени од работа требало да бидат известени минимум 1 месец пред да се случи тоа, тие биле избркани преку ноќ, без никаква најава. Бараат да им се плати месец јануари, затоа што договорите им биле до 31.12.2024 и бараат да се реши нивниот статус. Некои од нив се дури и по 7 години со Договор на дело.
„Немаме здравствено, немаме пензиско, немаме ништо, сите министри ветуваат, премиери, кој и да дојди, но ова е лага, манипулација со нас работниците. Сите да слушнат дека психички не убиваат, тука остануваат 120 семејства без работа. Цело време се зборува на телевизија дека нема кадар, дека има недостаток на вработени, сега кадарот се брка и ние остануваме без работа. Операциона сала сега ја оставаат само со еден болничар, од 4 вработени 3 бевме со договор на дело“, вели Томе Бошкоски, болничар во општа болница Прилеп.
Сега веќе поранешните вработени во болницата велат дека ова нема биде нивни прв собир, ќе протестирале и понатаму се до конечно решавање на нивниот проблем.
„Најпрво да ни се реши статусот, оти овде има и самохрани родители, деца имаме со посебни потреби. Ова втор пат ми се случува, порано пред 15 години бев овде 6 години, сега 3 години сум, до кога ќе си играат…? После си оделе странство младите, па ќе си одат, од државата си одат, од ништо друго“, кажа Пеце Здравески, возач во Итна помош Прилеп.
Од прилепската болница велат дека се немоќни околу целата ситуација, затоа што немаат согласност од државата за нови вработувања. Недостигот од кадар во моментов го решавале со реорганизација на работата на постојниот персонал, а дали на некои од овие вработени во иднина ќе им биде продолжен Договорот останува неизвесно.