ВИДЕО – 47 години со истата порака јавајќи на коњи од Скопје до Крушево – обединување на македонскиот народ и достојно одбележување на споменот на хероите од 1903-та

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Со нас се Борис Змејкоски и Пандил Стефковски, едни од основачите на Илинденскиот марш 1978 година. Борис Змејкоски е еден од тројцата основачи заедно со Гоце и Борче Стефковски, а додека Пандил е син на Гоце Стефковски. Овој разговор ќе го започнеме тука, со Борис Змејкоски, од Кривогаштани, претпоследната станица за да денеска заедно сите, целата коњаница влезете во Крушево, каде ќе бидете пречекани од граѓаните пред столбот на Републиката.

Ајде да се потсетиме како започна целата таа приказна со Илинденскиот марш далечната 1978 година и која е таа порака која после толку години денес повторно јавајќи на коњи од Скопје ја носите тука во Крушево?

Змејкоски: Пораката пред сѐ, уште од самиот почеток на овој марш, кога е удрен темелот, или корењата се пуштени, не е тоа некоја лична награда за било кој поединец од нас во тој период. Постарите генерации памтат околу појавувањето на една ваква конкретна акција, да се крене гласот на македонскиот народ. Некои луѓе низ селата каде патуваме и по населените места низ Македонија беа зачудени и нѐ прашуваа момчиња каде ќе одите со коњиве, од каде патувате и каде ќе одите? Им кажувавме дека патуваме од Скопје кон Крушево и целта ни е да стасаме во Крушево и да оддадеме почит на нашите прадедовци, нашите познати херои, комити, војводи, кои ги положија животите за ова што денес го имаме ние. Иако во тој период нормално имаше големи притисоци, се уште беше Југославија како држава и Македонија беше составен дел на федерацијата, ние бевме во тој период и малтретирани кога ќе се вратиме од Крушево, како националисти, дека сме работеле против Југославија. Самиот тој чин покажуваше дека ние сме биле во исправна насока како млади и денес затоа гордоста е преголема кај нас кога исто така патуваме низ Македонија, сега овој поход да го наречам кон Крушево е еден од најголемите со коњаница во бројка, над 52 коњаници тргнаа од Горно Лисиче на 27ми. Гордоста и милоста према Македонија е голема кога ги гледаме луѓето, дали во Катланово, Петровац итн., излегуваат од своите домови на улиците, ја поздравуваат коњаницата, посакуваат добар пат.

Тоа можеме да го забележеме и тука во Кривогаштани каде што ве пречекаа градоначалникот и граѓаните.

Змејкоски: Ова е национален државен празник, празник на сите Македонци, па и оние кои се од другите националности и живеат во Македонија, интересно беше и во селата во прилепско, излегуваа луѓето, нѐ пречекуваа, седнуваа со нас, ни даваа вода, тоа е знак дека она што го побарувале во минатото и она што ние денес го бараме мора да има едно сеопшто национално единство во Македонија. Не само во делот на коњаниците кои поаѓаат, тоа е гордоста, јас сега кога гледам што ние сме постигнале како млади момчиња во тој период, сега од повеќе градови на Македонија тргнуваат коњаници, тоа е знак на обединување, а не на разединување како што мислат некои.

Дали сме го постигнале тоа што вие сте сакале да го постигнете далечната 78ма и како што кажавте сега со појавувањето на новите коњаници, дали Мечкин Камен како место, како срцето на Републиката, од каде започната борбата за слобода на Македонија, е место каде ние се обединуваме, или за жал се разединуваме, затоа што на тоа место имало и немили случки како исфиркување на одредени политичари, па дури и вербално и физички напаѓани? Дали можеме ние како народ да се обединиме, затоа што токму претседателот на Илинденскиот марш даде една силна порака, дека ако не се обединиме и не си подадеме рака, еден ден нема да има кој да ја пречека коњаницата тука?

Змејкоски: Нашата цел е да се обединиме, знаеме во минатото сепак имаше доста турбуленции во Македонија, со самото осамостојување, а за жал и ден денес има такви појави, но како што рековте и самиот, ние стоиме денес пред Општината во Кривогаштани, градоначалникот е од СДСМ, нас тоа не ни смета и тоа е една голема порака до сите за она национално единство на кое повикуваме.

Конечно треба да се надминат сите тие такви партиски разлики помеѓу народот.

Змејкоски: Па сега ќе се надминат, се надевам, но можеби треба уште време.

Како што кажавме со нас е и Пандил Стефковски, колку дена патувавте од Лисиче до тука?

Стефковски: Од Горно Лисиче тргнуваме од црквата Свети Петар и Павле, една вечер преспиваме во Долно Лисиче, потоа Велес, село Теово, село Ропотово и еве денес сме тука, а вечер во Крушево. Во 18:30 часот сме пред црквата Свети Никола во Крушево, утре учествуваме на поворката низ градот и на 2ри на Мечкин Камен.

Какво е чувството да се биде дел од овој марш и по кој пат сте вие дел од него?

Стефковски: Јас како коњаник, кога бев помлад идев за Крушево повеќе пати, меѓутоа сега оставам простор за помладите да идат, така да еве 25-26 години сум дел од овој марш.

Како што и господинот Змејкоски кажа, ова е најголемата коњаница организирана од 78ма, со околу 52 коњаници.

Стефковски: Оваа година имаме најголем број на коњаници, меѓутоа сега пред влезот во Крушево ќе ни се приклучат коњаници од Кичево, Битола, така да огромен број на коњаници ќе влезат во Крушево оваа година.

Каде ќе бидете пречекани вечер околу 18 и 30 или 19 часот од страна на граѓаните токму пред столбот на Републиката во центарот на градот.

Стефковски: Денес во 18 и 30 пречекот е пред црквата Свети Никола во центарот на градот, утре во договор со „10 дена Крушевска Република“ учествуваме во манифестацијата и потоа на Мечкин Камен.

Го прашав и господинот Змејкоски, еве и вас како еден од помладите учесници на овој марш, која е пораката која ја пренесувате?

Стефковски: Исто, пораката е да се обединеме сите заедно, да го прославиме како што доликува, достојно овој наш најголем национален празник Илинден.

Што претставува еве за сите нас овој празник?

Стефковски: Ја претставува борбата за Македонија, почнала од Илинден, па преку АСНОМ, па 91ва година кога се осамостојува Република Македонија.

Еве за крај, коњаниците станаа на еден начин заштитен бренд на овој празник, со вас започнува одбележувањето на „10 дена Крушевска Република“, со вас завршува и вие сте првите кои граѓаните на 2ри Август, на Мечкин Камен ќе ги пречекаат токму на тоа место.

Стефковски: Па да, ние сме веќе бренд, препознати низ цела Македонија, поддржани и дури и од цела Македонија веќе организираат коњаници да дојдат во Крушево, значи квалитетот на овој Илинденски марш  е препознат низ цела Македонија, граѓаните го препознаваат и поздравуваат и мислам дека понатаму не може да има прослава на Мечкин Камен без Илинденски марш.

Целата идеја е и понатаму да се шири и да има што е можно повеќе членови во овие коњаници?

Стефковски:Токму така.

Ви благодарам за разговорот, господине Змејкоски и на вас. Сите оние што сакаат да ја видат коњаницата денес, утре, но и на 2 Август на самиот ден Илинден да дојдат на Мечкин Камен во Крушево и сите заедно да го одбележиме големиот национален празник.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми