Денешен наш соговорник е младата и талентирана пејачка од Прилеп, Јана Мрческа со која имавме можност за прв пат интервју да правиме минатата година, кога настапуваше на нашиот најреномиран фестивал за забавна музика „Макфест“. Песната со која тогаш настапи беше „Убава и храбар“, за која издаде и свое првенче како видео запис, а исто така минатата година беше дел и од еден проект поврзан со нашата најголема музичка ѕвезда, Тоше Проески за кој направи еден микс од неговите најголеми хитови.

Пред се Јана добредојде во нашето интервју.
Мрческа: Добро ве најдов, фала на поканата. Да, минатата година за прв пат учествував на „Макфест“, со мојата прва официјална песна „Убава и храбар“. Исто така имав направено и микс на најпознатите песни од Тоше, кои беа на сите јазици на кои тој има пеено, македонски, српски, италијански и англиски јазик. Сега и нова песна.
Токму така, повод за денешниот наш разговор со тебе е твојата нова песна, насловена „Иста приказна“, за која исто така излезе и видео запис.
Мрческа: Да, иста приказна, како што кажува и рефренот, а и целата песна е напишана како приказна и затоа одлучивме така да биде и насловот. Снимивме и спот, во Струга, во хотел „Дрим“, благодарам на поддршката на хотел „Дрим“ што ни овозможи да го снимиме таму спотот. Многу сум задоволна од цел проект како испадна, беше работено со многу љубов, многу труд, многу напор, доста долго време искрено се работеше. Почнавме од јануари и дури сега го склопивме како целосен проект.
Колку време се работеше на песната и кој е текстописец?
Мрческа: На самата песна се работешеод почетокот на декември, јануари, а текстописец сум самата јас, јас се потпишав, односно ова е прв пат да напишам текст за песна и сум многу среќна поради тоа и многу ми значи. Некако оваа песна ја чувствувам многу поблиска до мене, затоа што приказната ја доживував јас и сега можам да ја пренесам на сите.
Од каде инспирацијата и која е таа иста приказна?
Мрческа: Идејата дојде од самата јас, излезе од мене, од некои работи кои ги имам поминато, од некои случки, нешто измислено и баш сум среќна што успеав да напишам таков текст, таква приказна и да можам да им ја раскажам на сите останати.
Фановите можат да ја погледнат неа на твојот Јутјуб канал?
Мрческа: Да, можат да ја погледнат на мојот Јутјуб канал Јана Мрческа, под името „Иста приказна“ и се надевам дека ќе уживаат исто толку колку што јас уживав правејќи ја песната, текстот и самиот спот.
Колку долго доаѓаше таа идеја за иста приказна?
Мрческа: Текстот дојде многу брзо, музиката ја работевме заедно со Иле Спасев, тој работеше микс и мастер, како и аранжманот. Текстот дојде некако многу природно, многу брзо, како да сум го чувала во себе цело ова време и имаше простор каде да го искажам и го искажав. Но сепак се додаваа детали, се менуваше во музиката некои нови делови, некои скратувавме и затоа толку долг период ни требаше да склопиме нешто што на сите многу ќе ни се допаѓа.
Рече дека ова е твоето првенче во однос на пишувањето на текст, дали можеби ќе следува ново нешто?
Мрческа: Па да, планирам и работам и на нови песни, сакам да излезат уште многу нови песни, можеби јас да бидам пак потпишана како текстописец, на некој јас, на некои не, така да очекувајте доста работи од мене.
Значи може и албум да се очекува?
Мрческа: Можеби. Искрено за целосен албум не се чувствувам доволно спремна, но можеби епизоди, по 3 песни.
Следно што може да го очекуваме од Јана е и настапот на пиво фестивалот тука во Прилеп. Како течат подготовките за еден од нашите најголеми вакви фестивали во Македонија?
Мрческа: Супер, вежбаме секој ден со мојот бенд, напорно вежбавме и минатите неколку месеци, се спремавме. Спремивме доста интересен репертоар, кој мислам дека на публиката доста ќе им се допадне. Исто така тогаш за прв пат ќе ја испеам мојата нова песна на сцена и се надевам дека на публиката исто така ќе и се допадне песната како што и на мене ми се допааѓа. Тоа ќе биде и за прв пат во живо настап, затоа што ќе има некои делови малку сменети. Доста напорно, доста интересно, доста забавно и се надевам дека се ќе биде супер и ќе се забавуваат исто толку многу колку што ние ќе се забавуваме.
Кој ден настапуваш од трите фестивалски дена и со каков вид на музика?
Мрческа: Ќе настапам на вториот фестивалски ден, на 19-ти, јас настапувам прва и го отворам фестивалскиот ден од 19 часот. Ќе настапувам со микс од македонски и српски песни, забавни, интересни, песни кои сите ги знаат, така да ќе биде доста интересно. Ве очекувам сите да дојдете и да уживате.
Јана ти благодарам за разговорот, честитки уште еднаш за твојата втора песна и втор спот, но и за твоето првенче како текстописец. Уште еднаш официјално да ги поканиме сите оние кои сакаат и во живо да ја слушнат песната „Иста приказна“, нои другата музика со која ќе се претстави Јана Мрческа пред публиката, да дојдат тука и да бидат дел од Пиво фестивалот во Прилеп од 18 до 20 јули.