Во потрагата по малиот Петар денеска се вклучи и Дирекцијата за заштита и спасување

Од денеска во потрагата по малиот Петар Џобоски кој исчезна во близина на селото Врбско во Мариово се приклучи и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Во потрагата се ангажирани седум припадници на ДЗС од кои четири од Тимот за брз одговор за спасување од планини од ПОЗС – Битола, еден припадник од Тимот за спасување од високи објекти од ПОЗС – Прилеп и двајца вработени од Секторот за оператива и логистика“, соопшти ДЗС.

На 10-годишниот Петар, кој што е дете со посебни потреби и тешко комуницира, трагата му се губи во петокот по 16 часот.

Повеќе од 100 полицајци, противпожарни и спасителни служби, ловџии, но и граѓани доброволци од неколку градови веќе четири дена се во потрага по Петар, во која беше вклучен и хеликоптер, а и со дрон се снимаше теренот каде се бара детето.

МВР објави и телефонски број на дежурната служба во село Витолиште, 071 268-594, каде што граѓаните можат да се обратат за координација.

Во моментов потрагата се одвива под отежнати околности поради снежните врнежи и ниските температури.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира