Со исклучителна чест и особено задоволство ве информираме дека денес, во нашата болница, за прв пат беше успешно изведена сложена хируршка интервенција на рбетниот столб, конкретно на лумбалниот сегмент. Ова претставува прва операција на рбет изведена надвор од Скопје и Охрид, што претставува значаен исчекор за нашиот регион, соопштуваат од Општата болница во Прилеп.
„Операцијата беше изведена од Д-р Игор Мерџановски, во координација со колегите од Клиниката за ТОАРЛИУЦ, тимот од Одделението за ортопедија и трауматологија при нашата болница во Прилеп, како и анестезиолозите Д-р Маргарита Пирганоска и Д-р Александар Димитровски. Интервенцијата помина успешно, уредно и без компликации. На пациентот му посакуваме брзо и целосно закрепнување. Со дисперзијата на здравствените услуги од терциерно кон секундарно ниво, ја зајакнуваме децентрализацијата и ја враќаме довербата во здравствениот систем. Овој значаен потег овозможува пациентите да ја добијат потребната нега во својата матична установа, со што се намалува времето на чекање во другите болници и се редуцираат финансиските трошоци и товарот за пациентите“, велат од прилепската болница.




Од болницата додаваат дека нивната визија е ваквите интервенции да станат редовна и стандардизирана практика во Одделение за ортопедија и трауматологија. Со тоа не само што ќе се растеретат клиниките во Скопје, туку и активно ќе се придонесе кон развојот на регионалните центри и поголема достапност на квалитетни здравствени услуги за сите граѓани.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите кои учествуваа во организацијата и реализацијата на овој значаен оперативен зафат. На пациентот му посакуваме брза рехабилитација, а на ашиот тим – уште многу идни успеси и бројни задоволни пациенти“, додаваат од болницата.



