Владата во Берлин даде согласност за прием на Македонија во НАТО и ќе се залага процесот да биде завршен што побрзо.
„Историски момент. На 17 јуни 2018 година со Преспанскиот договор, Атина и Скопје ставија крај на 25-годишниот спор за името на поранешната југословенска република. Основата е поставена за приклучување на Република Северна Македонија во НАТО. Во февруари земјите-членки ќе го потпишат Протоколот за пристапување кон Вашингтонскиот договор“, се нагласува во соопштението.
Германската Влада ќе се залага за брзо усвојување на Протоколот, со цел формалното пристапување да може да се случи до крајот на следниот месец.
Во соопштението на Владата во Берлин се нагласува дека влезот на земјава во НАТО ќе даде важен придонес за безбедноста во евроатлантскиот простор, а исто така ќе обезбеди и важен импулс за натамошна стабилизација на регионот на Западниот Балкан.