Археолошкиот локалитет Маркови Кули – Градок, несомнено е еден од најзначајните антички и средновековни пунктови во регионот Мариово. Се наоѓа во атарот на селото Манастир, лоциран во средишниот дел од регионот Мариово. Археолошкото наоѓалиште е позиционирано врз доминанатно возвишение на вливот на Лисичка (Дуњска) во Црна Река, непосредно над една од главните комуникациски артерии во правец север – југ во рамките на регионите Мариово и Меглен. Истовремено, овој пункт е позициониран во близина на најдиректната комуникациска врска со Северна Пелагонија, на запад.

„Со досегашните археолошки истражувања на овој локалитет се констатирани материјални остатоци од предисторијата па се до доцниот среден век (XIII-XV век). Така, при сеопфатните археолошки истражувања 1989-1994 год. во рамките на научно–истражувачкиот проект Културно-ликовно минато на Мариово и систематските истражувања од 2020 год. се откриени во најголема можна мера материјалните остатоци со најзначајните етапи во користењето на овој простор, а воедно и материјални остатоци од особено значење за материјалната култура на регионот Мариово и пошироко за средишните делови од Балканскиот Полуостров:
– доцноантничка етапа (IV – VI/VII век),
– средновековна етапа (IX/X- XV век).
Во крајот на III и почетокот на IV век на овој простор е оформенаа типична рановизантиска населба со прецизно дефинирани структурални содржини: простран, окружен со ѕидови Горен град (акропол), позициониран на на највисокото плато од ридот; оградено подградие, врз јужната падина од возвишението со Главен влез во југоисточниот агол од населбата и некропола распространета на југозападните падини од ридот“, вели д-р Бранислав Ристески, научен советник археолог и раководител на тогашните археолошки истражувања.
Со првата етапа на раното христијанство, хронолошки детерминирана во времето од доцниот 4 и раниот 5, па се до последните децении на 5 век, се поврзува изградбата на обѕидието на населбата, оградните ѕидови на Горниот град, како и изградбата на пространа црква во источниот дел од Горниот град.
„Црквата има трикорабна диспозиција со пространа полукружна апсида на источната страна, при што треба да се одбележи пропорционално големиот прозор во средишниот дел од апсидата. На источните делови од страничните кораби се изведени влезови со прецизно изведени прагови и довратници. Влезот во црквата се наоѓа на западната страна, позициониран помеѓу два компартименти со квадратна диспозиција. Во согласност со типолошко-хронолошките особености на наодите откривани во интактни културни слоеви а кои се поврзуваат со оваа градежна фаза, егзистенцијата на црквата со сигурност е детерминирана во времето од доцниот 4 и раниот 5 до последните децении на 5 век и се поврзува со најраната етапа на христијанството во регионот Мариово“, додава Ристески.
Во согласност со заокружените литургиски постапки во периодот од доцниот 5 до првите децении на 7 век, изведено е заѕидување на источните влезови во страничните кораби на црквата со трикорабна диспозиција, при што во овие сегменти од црквата се констатирани грбови вкопани во карпестата подлога. Со оваа етапа се поврзуваат и откриените делови од олтарната преграда, како и парапетните камени плочи поставувани помеѓу ѕиданите столбови и др. На просторот западно од трикорабната базилика се констатирани пространи, репрезентативни објекти, несомнено функционално поврзани со црквата.
„Со оваа етапа од егзистенцијата на населбата се поврзува и изградбата на црква западно од трикорабната базилика. Од оваа црква се откриени фрагменти од темелите и долните делови од ѕидовите, како и интактни сегменти од подот во источниот сегмент од градбата. Степенот на сочуваност не овозможува да се реконструира во целост тлоцртот на оваа црква, но со голема веројатност може да се претпостави дека се работи за мала еднокорабна црква. Врз сочуваните делови од оваа црква, особено олтарскиот простор, во средниот век е изградена споменатата црква со крстообразна диспозиција. Со втората етапа на раното христијанство во рамките на населбата се поврзуваат и објектите лоцирани во западниот сегмент од Горниот град, а кои функционално можат да се поврзат со малата еднокорабна црква“, вели Ристески.
Средновековната етапа (IX/X- XV век) е одбележана со егзистенција на манастирски комплекс, оформен на просторот од акрополот на доцноантичката населба. Со досегашните истражувања се откриени следните сегменти од манастирскиот комплекс: оградни ѕидови изградени врз остатоците од оградните ѕидови на античкиот акропол со влезови на северната и јужната страна, црква со трикорабна диспозиција во источниот дел од комплексот, црква со крстообразна основа во западниот сегмент од манастирот, погребувања во северниот дел од манастирскиот двор, манастирски згради во западниот и југозападниот дел од манастирскиот комплекс и др.
„Врз основа на стратиграфските согледувања, типолошко-хронолошките особенисти на наодите, како и врз основа на функционално-хронолошките детерминанти на сочуваните објекти, средновековната етапа се определува во времето од IX/X до последните децении на XIV век. Во времето од XI до XV век, овој манастир егзистира истовремено со манастирскиот комплекс Св. Никола во селото Манастир (оддалечен околу 5 км воздушна линија), а за карактерот на односите помеѓу овие два комплекси говори фактот што моделот на тринаесето/ четиринаесетовековната црква Св. Никола во с. Манастир е директно преземен од обликот на трикорабната црква на локалитетот Градок“, вели археологот Ристески.
Што се однесува до локалитетот Градок, треба да се напомене дека при оформувањето на тројната акумулација Чебрен-Галиште-Тиквешко Езеро, долните сегменти од возвишението би биле потопени, што би условило целосно доистражување и заштита на откриените објекти.