Во пресрет на новиот конкурс за прием и сместување на студенти во Државниот студентски дом во Битола, институцијата е целосно подготвена да ја пречека новата генерација академски граѓани.
„Севкупниот капацитет на нашиот дом изнесува 385 легла, од кои 77 легла се наменети за студентите-бруцоши, додека останатите се за студентите од втора до четврта година на студии. Месечната цена за сместување изнесува 6.990 денари, при што државата субвенционира половина од овој износ така што студентите плаќаат 3.550 денари. Посебно сакам да нагласам дека студентите од социјално загрозени семејства, семејства со пониски приливи, како и децата на бранители, се целосно ослободени од плаќање на оваа партиципација.
Во однос на долго најавуванaта капитална реконструкција на домот, сакам да ве информирам дека проектот моментално е во финална административна фаза. Извршени се сите неопходни мерења, сеизмички испитувања на носивоста и целосно се завршени потребните процедури од овој аспект. Очекуваме официјално отпочнување со градежните работи за неколку месеци.
Во меѓувреме, домот функционира со полн капацитет, организиран во 5 павиљони и е на располагање на студентите. На нашите станари им обезбедуваме два квалитетни оброци дневно – ручек и вечера, а располагаме и со бонска продавница и солидно опремени соби.
Показателите од спроведените анкети на почетокот и на крајот од изминатата студиска година потврдуваат дека сме на вистинскиот пат: добивме високи и позитивни оценки и во делот на сместувањето и исхраната, но особено за професионалниот однос и посветеноста на нашите вработени кон студентите.
Остануваме максимално транспарентни, отворени за соработка со медиумите и посветени на постојано унапредување на студентскиот стандард“, истакна Љубе Маркоски – директор на Студентски Дом “Кочо Рацин” – Битола.