Во рамките на програмата Еразмус+, ООУ „Добре Јованоски“, Прилеп оваа недела беше домаќин на една вистинска образовна авантура без граници! Училиштето имаше чест да ги угости своите партнери од Словачка, наставници и ученици кои дојдоа во Прилеп заедно да учат, соработуваат и создаваат со своите врсници од нашиот град.
„Словаците беа презадоволни од гостопримството, градот и програмата – рекоа дека се чувствуваат добредојдени, инспирирани и среќни што се дел од ова искуство. Преку заеднички работилници, активности и културна размена, учевме за екологија, култура и дигитални вештини – но најмногу за тоа колку сме слични, човечки и топли. Еден од највредните сегменти беше запознавањето со образовните системи на двете земји, размена на искуства и идеи меѓу наставниците, и продлабочување на соработката меѓу училиштата. Работевме заедно на еко работилници користејќи дигитални алатки, каде креативноста и одржливоста се споија во вистинско зеленило од идеи. Се искачивме и на Могилата на непобедените, каде што историјата зборува, а природата учи. Гостите имаа можност да се запознаат со традиционалната македонска кујна, вкусувајќи специјалитети подготвени со љубов, трпение и мириси од детството“, истакна Изабела Црнеска Узуноска, координатор на проектот.





Гостите од Словачка ги посетија и бисерите на Македонија – Охрид и Свети Наум, каде природата и духовноста одат рака под рака. Тие беа восхитени од убавината на езерото, автентичноста на архитектурата и магијата на охридските калдрми.
„Во рамките на уметничката работилница „Brushes without borders“, македонските и словачките ученици создаваа уметнички слики со пораки на пријателство, кои потоа беа разменети – секој ученик доби дело на својот нов пријател од другата земја. Преку изработка на постери, учениците се запознаа со културите и традициите на другата земја – и така, со боички и зборови, учевме едни за други со отворени срца“, додаде Црнеска Узуноска.



Преку ваквите проекти се градат мостови на пријателство, толеранција и меѓусебно разбирање. Оваа мобилност е доказ дека образованието нема граници, и дека Европа може да биде една голема училница без ѕидови – полна со боја, глас, душа и надеж за иднината.
