ЈП „Македонија пат“ соопшти за воведени забрани за тешки товарни возила поради снег на следните патни правци: Ресен – Битола преку планинскиот превој Ѓавато, патниот правец Тетово – Попова Шапка, како и на патот Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Пресека и Плетвар. Од 10.40 часот е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Македонски Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос, информира ЈП „Македонија пат“.
Исто така, од 7.25 часот е воведена забрана за сообраќај на камиони и на патниот правец Делчево – граничен премин Делчево, а забрана за сообраќај за тешки товарни возила над 7.5 тона е воведена и на ГП Делчево кон Бугарија.
Од Автомотосојузот на Македонија утрово информираа дека од превентивни причини збрана за сообраќај за тешки товарни возила се воведува и на планинскиот премин Пресека, а поради заледеност на коловозот на автопатот „Пријателство“ кај село Миравци, тешките товарни возила од 8.50 часот се пренасочуваат преку стариот пат Удово – Демир Капија.