Министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес конференција ги презентираше промените во студиските програми кои што ќе бидат вклучени со планираните законски измени во високото образование.
Во Законот за високо образование се предвидуваат бенефиции за студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот. Тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно-научен кадар.
Ќе има и нов начин на финансирање на високообразовните установи, т. е. се предвидува развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми.
Се зајакнуваат критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега ќе има обврска до изборот да изработи и објави најмалку 6 – 7 научни трудови, од кои 3 – 4 треба да бидат објавени во списание со импакт-фактор од базите Web of science или Scopus.
Говорејќи за студиските програми, Јаневска кажа дека македонските универзитети спроведуваат некаде над 1.300 студиски програми. Притоа, постојат случаи каде на една студиска програма се запишани само двајца, тројца или пет студенти, што, вели таа, е апсолутно неприфатливо.
Според министерката, ќе се воспостави и систем каде што вработувањата на наставно-научниот кадар ќе одат по систематизација, за да нема премногу или премалку професори за одредени студиски програми. Систематизациите самите универзитети ќе си ги носат.