Започна аплицирањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2025-2026 година

Facebook
Twitter
Email
Print

 

Министерството за образование и наука информира дека од денес започнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025-2026 година. Повикот со условите и начинот на аплицирање е објавен на следниот линк.

Рокот за пријавување за тековните и студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2025/2026 година е до 5.9.2025 година.

Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на јавните и приватните универзитети во државата. Апликантите треба да се државјани на Македонија и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

 

„При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк. МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, УЈП и студентските служби на факултетите“, информираат од МОН.

Оттаму додаваат дека секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард преку следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.

„Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври“, велат од министерството.

За реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк, велат оттаму,  Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со ова право, за што ќе бидат известени од страна на МОН по електронски пат, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка.

„Можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе биде отворена во периодот од први до петти секој месец од академската 2025/2026 година и тоа за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат“, велат од МОН.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми