Во 17.00 часот почна масовниот протест на ССМ. Работници од цела Македонија се собраа за да протестираат за повисоки плати. Бараат зголемување на минималната плата, но и на другите плати.
Под мотото „28-ми јануари е денот кога работниците зборуваат!“ тие бараат зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и соодветен пораст на сите други плати за 6.000 денари.
Со транспаренти во рака: „Бараме пристојна плата“, „Зголемување на сите плати“… работниците го искажаа својот револт од досегашното однесување на стопанствениците и на Владата. Во позадина одекнуваа звуците на „Неправда”, „Буѓав лебац“, но и „Интернационалата“.
Претседателот на ССМ претходно ги повика сите работници да го поддржат протестот, затоа што доколку работникот не покаже масовност, работодавачите и Владата ќе сметаат дека платите се задоволителни. Според Трендафилов изговор да не протестираат имаат само газдите, притоа охрабрувајќи ги работниците да не се плашат.
„Нема повеќе да се молиме, ќе се бориме. Од пред симболот, Работничкиот дом, одиме пред Собранието, кај газдите и пред Владата. Нека не бројат -многу сме!“, рече Трендафилов.
Поддршка на протестот претходно дадоа од СДСМ и Левица, на што одговор добија од синдикалката Кристина Ампева која им порача на партиите да се оттргнат од протестот.