Започнуваат Божикните пости – еве како се пости и кои денови што е дозволено да се јади


За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот Божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Како се пости за време на Божикните пости!

Божикните пости се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло, вино и риба. Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло, вино и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, покрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло, вино и риба.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости.

Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.

Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век. Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград  во 1166 година.

ЗА ПОСТОТ

Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот Рај – да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2, 17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушание и воздржување. И нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да започне со Своето искупително и спасително дело за човечкиот род, постел 40 дена (Мт. 4, 2), сакајќи со тоа да им остави поука и на Неговите следбеници да постат. Следејќи го примерот на Господ Исус Христос, светата Православна Црква уште од апостолско време одредила за своите верници пост, го определила времето на постот и која храна да ја јадат христијаните за време на постот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира