Со гордост ве информираме дека од денес нашата установа е засилена со 21 нов доктор по општа медицина и еден доктор по стоматологија, истакнаа од Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп.
„Новопримените доктори, млади професионалци со свежа енергија и силна посветеност кон медицинската пракса, ќе бидат распределени во различни служби согласно потребите на установата. Нивното приклучување ќе овозможи поквалитетна, побрза и подостапна здравствена грижа, како и дополнително растеретување на постојниот медицински кадар.
Нашата болница продолжува да инвестира во развојот на човечките ресурси, знаењето и професионализмот, со цел континуирано подобрување на здравствените услуги и обезбедување високи стандарди во третманот на пациентите.
На новите колеги им посакуваме успешна работа, професионални успеси и заеднички придонес кон здравјето на нашите сограѓани“, информираат од болницата.