За три години во сообраќајки загинале 457 лица

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, покажува ревизорскиот извештајот на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија“ на Државниот завод за ревизија.

„Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите оцениле дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво.

„Втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата. За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело надлежно за наведените активности“, велат од ДЗР.

Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, како што се посочува, имала за цел  бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30%, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.

По спроведената ревизија било утврдено дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ.

„Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30%  не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категорија „млад возач“; бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40% во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица; бројот на деца – жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“, стои во извештајот.

Ревизорите утврдиле дека во периодот 2019-2023 година, Македонија, во однос на земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители.

„Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции“, се наведува во извештајот.

Во него се нагласува дека Национална транспортна стратегија 2018-2030  – НТС е оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги, со активности поврзани со унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата, базирана на транспортната политика на ЕУ, транспортната политика на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО), која продолжува со Договор за основање на Транспортната Заедница, ратификуван од Република Македонија во 2017 година. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт.

Податоците од софтверската апликација на МВР за спроведени контроли од страна на полициските службеници упатуваат дека во периодот 2019-2023 година во просек контролирани се околу 730.000 возачи годишно што претставува значителен број на контроли.

Притоа, најчест сообраќаен прекршок е брзо возење и поминување на затворен сигнал, додека најмногу возачи се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, како и поради возење под дејство на алкохол.

Извештајот покажува дека за период 2020-2023 година, сообраќајните незгоди кои предизвикале последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што, според ревизротие, укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми