Производството на месо, јајца и на кравјо млеко минатата година било поголемо во однос на 2019-та, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Зголемен е и бројот на говеда, свињи, кози и живина.
Вкупното производство на месо е зголемено за 5,1 %. Производството на кравјо млеко во 2020 година изнесува 405 217 000 литри што е за 3,7 % повеќе во однос на 2019 година. Намалување е забележано кај овчото млеко за 23,3 % и кај козјото за 7,7 %. Од другите добиточни производи, во 2020 во однос на 2019 година, забележано е зголемено производство на јајца и намалено производство на волна, наведува Државниот завод за статистика.
Според податоците, вкупниот број говеда лани бил зголемен за два процента во однос на 2019-та или кај индивидуалните земјоделски стопанства за 1,1 %, а кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) за 37 проценти.
Бројот на свињите кај деловните субјекти во 2020 година, во споредба со 2019 година е зголемен за 67,8 %, а кај индивидуалните земјоделски стопанства за 8,5 %.
Бројот на живината е зголемен за 5,2 %, а бројот на козите за 8,5 %, додека бројот на овците е намален – кај индивидуалните земјоделски стопанства за 7,3 %, а кај деловните субјекти за 47 %.