 
															На големиот христијански празник посветен на Светиот цар Константин и неговата мајка, светата царица Елена – жената која во Ерусалим го пронашла Чесниот и Животворен Крст, на 3 јуни во вторник во храмот „Света Петка“ во Прилеп ќе биде изложена света реликвија – честица од токму оној Крст на кој беше распнат нашиот Спасител Исус Христос!
Оваа бесценета светиња ќе биде вградена во специјално изработен реликвијар, поставен во икона со ликовите на Светите цареви Константин и Елена, како го држат Чесниот Крст. Иконата е рачно изработена со молитва и љубов од сестринството при манастирот „Св. Архангел Михаил“ – Варош а донација од благочестивото семејство Јончески од Прилеп.
Потеклото на оваа света реликвија засега ќе остане во тајност, но сигурно е едно: Прилеп и храмот „Св. Петка“ стануваат едни од ретките места не само во Македонија, туку и во целиот христијански свет, кои ќе ја чуваат и изложуваат оваа можеби најсвета и најзначајна реликвија на христијанството.
Чесниот Крст, кој низ вековите е извор на бројни чуда, исцеленија и благослови, од сега ќе биде на поклонение и молитва и за верниот народ од Прилеп. Се покануваат сите верници да дојдат, да се поклонат, да се помолат и да ги принесат своите надежи, благодарности и молитви пред оваа божествена светиња.
		
 
				 
								 
								 
								 
															 
								 
								 
								 
								 
															 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
															 
															 
	 
	 
	 
	 
	 
	 
				