Вкупно 62 малолетнички на возраст до 18 години ја прекинале бременоста во осум јавни здравствени установи од кои 34 во 2016 година, а 28 во 2017 година. 23 се на возраст од 14 до 16 години, 18 на возраст од 17 години, а 21 со ненавршени 18 години. Најголем број од нив на возраст од 14 до 16 години кои абортирале се од македонска, ромска, албанска и турска заедница, а не се евидентирани случаи за прекин на пременост кај другите заедници.
Ова го покажуваат резултатите од спроведеното истражување кои денеска на прес-конференција ги презентираше заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа, која посочи дека итно треба да се преземат мерки за целосно согледување и справување со проблемот со малолетничката бременост и едукација на младите во училиштата.
„Вкупно 731 малолетничка се породиле во истражувачкиот период од кои четири на возраст од 11 до 13 години, 225 на возраст од 14 до 16 години, а останатите на возраст од 17 или со ненавршени 18 години. Меѓу малолетните мајки најголем број – 405 се Ромки, 162 Македонки, 109 Албанки, 43 Турчинки, пет Бошњачки, а шест од други заедници. Најголем број од бебињата (721) се дадени на натамошна грижа кај малолетната мајка, а 10 бебиња (шест родени во 2016 и четири родени во 2017 година) биле оставени од страна на малолетната мајка и понатаму се згрижени во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола“, рече Бајрамовска – Мустафа.
Посочи дека од увидот во документацијата што ја водат јавните здравствени установи констатирале дека речиси сите малолетни родилки се породиле во вонбрачни заедници.
Во рамки на истражувањето бил доставен прашалник до 17 клиники и општи болници во Република Македонија, чија дејност е гинеклогија и акушерство.