Вашата вчерашна клеветничка прес-конференција го потврди она коешто се’ поголем број наши сограѓани секојдневно го потврдуваат: дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија има одлична кандидатка за градоначалник на општина Прилеп! Петра Лукароска е личност без ниту една дамка во својата професионална и партиска кариера, исто како и во нејзиниот ангажман како граѓански активист и во приватниот живот, изјави на прес конференција Александар Китаноски, секретар на ОО СДСМ – Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

„Во 30-те месеци колку што беше директор на Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, дотогаш запуштеното училиште доживеа вистински препород.
Прв пат во неговото 60-годишно постоење, со проект вреден 220 илјади евра училиштето, во буквална смисла на зборот, беше реконструирано од темел до покрив.
Впрочем, фотографиите направени пред и после неговата реконструкција, го потврдуваат кажаното.
Во секој свој настап, во секое обраќање до јавноста, до прилепчани, Петра Лукароска зборува за вредности. За визија и идеи, за поубав и побезбеден град. За достоинствен живот во населените места. За подобро образование, за град со развиена економија, спорт и култура. За Прилеп во кој младите гледаат иднина и го градат својот дом.
Граѓаните на општина Прилеп го препознаваат искрениот и чесен пристап на Петра Лукароска, и токму поради тоа отворената поддршка која и’ ја даваат на нашата кандидатка за градоначалник континуирано се зголемува.
Вие тоа добро го знаете и затоа сте исплашени. И со право сте исплашени!
Наспроти сето ова се наоѓате вие – челниците на прилепскиот комитет на ДПМНЕ. Раскарани и поделени, лицемерни и полни со злоба, опседнати од желбата за власт и фрустрирани од сознанието дека на два месеца пред изборите, немате кандидат за градоначалник!
Вие господа од ДПМНЕ и вашиот актуелен градоначалник, за 4 години го уништивте Прилеп, го запревте животот во градот.
Сопствената неспособност неуспешно се обидувате да ја покриете со гнасни клевети и девалвирање личности и институции.
Во таа насока се и вашите рециклирани обвинувања против Лукароска, кои веќе беа предмет на кривична постапка пред Основното јавно обвинителство.
За да ја освежиме вашата меморија и да го разобличиме вашето перфидно сценарио, приложуваме документ во кој јасно и недвосмислено пишува дека ПОСЛЕ ИЗВРШЕНИОТ ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР НА СОУ „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ НА 18.06.2024 ГОДИНА ОД СТРАНА НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ТРУД ПРИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА , НЕ БИЛЕ УТВРДЕНИ НИКАКВИ НЕПРАВИЛНОСТИ ВО РАБОТЕЊЕТО НА УЧИЛИШТЕТО.
Врз основа на овие наоди, пријавата и официјално беше отфрлена како неоснована.
Ете ова е вистината која вам, господа од ДПМНЕ, не ви одговара и која не сакате да ја знаете.
И за крај: Нашата кандидатка за градоначалник, Петра Лукароска, ќе продолжи да зборува за вредности и да ја промовира својата визија за Прилеп.
Со надеж дека до денот на изборите можеби и вие ќе најдете кандидат за градоначалник, ве охрабруваме да продолжите со вашата црна и манипулативна антикампања.
Со напомена, дека за секоја следна лага и клевета ќе следува соодветна пријава до јавното обвинителство“, рече Китаноски.