Пред само неколку денови добивме писмен одговор на нашето прашање: Вкупен број на активни тужби што се водат против Општина Прилеп каде Општина Прилеп е тужена страна и добивме навистина невероватен одговор што се надеваме дека е печатна грешка но НЕ е, велат во соопштението од Левица Прилеп.
„Верувале или не, моменталниот број на активни тужби што се водат против Општина Прилеп е ни помалку, ни повеќе туку цели 112 тужби. Па овде излегува дека општината ја тужел кој стигне. Колку само парични средства сме изгубиле како граѓани на адвокатски трошоци, судски спорови, извршни решенија и извршители можеме само да претпоставиме.
Постои теоретска шанса да станува збор за организирана мрежа каде што општината намерно е оштетувана со ненавремено плаќање фактури и каде истите подоцна преку судско решение или извршител се наплаќани па и десеткратно повеќе со што ги повикуваме МВР оддел за организиран криминал да постапат и да истражат дали е можно на овој начин да биле испумпувани општински пари према бројни тужители.
Воедно го повикуваме портпаролот на Општина Прилеп-Влатко Петкоски не само да се слика по разни прослави и да ни кажува колку блескаме како општина, него и да ја објасни целава ситуација и да каже како дошло до вакви несватливи бројки и колку низ годините општината изгубила финансиски средства по однос тужби“, велат од Левица Прилеп.