Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови МААВЗК вчера во Велес го одржа своето годишно собрание на кое досегашниот претседател Зоран Јаневски доби нов двегодишен мандат. Нов мандат од две години добија и Секретарот Живко Гурев од Тиквешки Точакџии – Кавадарци, како и потпретседателите Горанче Богоевски од Macedonian bike riders од Скопје и Даниел Гарбески од Вело Че од Прилеп, како и и сите останати членови на Управниот и Надзорниот одбор.
За прв пат оваа година Асоцијацијата организира натпреварувачки дел, односно се отвара Натпреварувачка сезона 2026 во рамките на Асоцијацијата, што отвара можност за афирмација на голем број на велосипедисти кои имаат потенцијал за врвни достигнувања. Претседателот на МААВЗК, г-н Зоран Јаневски изјави:
„Со воведување натпреварувачки систем во рамките Асоцијацијата на секој вело настан очекуваме за привлечеме големо внимание во велосипедската заедница во Македонија и во регионот“.
На ова Годишно собрание беше утврдена и новиот календар на велосипедски настани за 2026 година каде се утврдени 26 велосипедски настани и аутдор фестивали организирани од членките на Асоцијацијата.
Според овој календар сезоната за почнува на 22 март во Штип, а завршува на 01 ноември во Валандово. Во наредниот период се планира формирање на повеќе комисии и работни групи кои со својата волонтерска ангажираност и посветеност ќе формираат систем по кој ќе се водат сите натпреварувачки настани.
Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови МААВЗК брои 26 велосипедски здруженија или клубови кои пак опфаќаат преку 800 активни велосипедисти, членови на истите.