Реакциите денес се уште погласни по вчерашното писмо на американскиот амбасадор Џес Бејли до судиите и до министерката за правда, во кое тој бара судиите да не се повикуваат до американската амбасада, или до него, кога ги носат одлуките за притвор и пресудите.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, писмото од американскиот амбасадор Џес Бејли до судиите е дипломатски скандал.
„Дали се чувствува загрижен премиерот Заев по писмото на Бејли до претседателите на судовите во кое амбасадата бара да не се користи како извор при носење одлуки? Ова е дипломатско-судски скандал. Американскиот амбасадор бара да не се злоупотребува неговото име, а поврзано со местење судски процеси. Дали како премиер ќе побарате истрага кон судии кои го злоупотребиле овластувањето?“, праша Милошески.
Премиерот Зоран Заев рече дека за писмото дознал од медиумите. Согласно со неговите надлежности побарал негов советник да се сретне со амбасадарот. Додаде дека ќе го чекал Бејли по празниците директно да разговара со него.
„Штом е нотирано тоа од стратешки пријател на Македонија тогаш тоа е сигнал дека треба да се преземат дејствија. Ја сфаќам пораката, никој не смее да се вади дека имал укажувања од странска амбасада“, рече Заев.